Обврската за носење маски во возовите и автобусите на долги релации, која требаше да трае до април, ќе престане да важи на втори февруари.
Не се очекува нов зимски бран на инфекции, оцени германскиот министер за здравство. Затоа, со покраините е договорено наместо во април, обврската за носење маски во возовите и автобусите на долги релации да не важи веќе од втори февруари.
Министерот сепак, апелира до патниците во јавниот сообраќај и превозните средства на долги релации да носат маски доброволно. „Повеќе треба да се потпреме на сопствената одговорност и волја“, рече тој.
Барањата за укинување на обврската за носење маски во последно време се засилија со оглед на намалените бројки на заразени со коронавирус. За укинување на обврската се согласни и министерот за сообраќај и Германската железница.
Во јавниот сообраќај во повеќе покраини веќе не постои обврска за носење маски. Така е во Баварија, Саксонија Анхалт и Шлезвиг Холштајн. Укинување на обврската најдоцна до почетокот на февруари се очекува и во Берлин, Бранденбург, Хесен, Тирингија, Мекленбург Предна Померанија, Саксонија и Баден Виртемберг.
извор: www.dw.com