Затворија големите хотели покрај Охридското езеро. Причина се скапата струја и производи и малиот број гости. Повторно ќе отворат на 1 март. Дотогаш вработените ќе бидат на принуден одмор.
„Ако до новогодишните празници некои од хотелите работеа, поголемите хотели на Охридско-струшката ривиера на почетокот на новата 2023 година и дефинитивно ставија клуч на врата“, известува Алсат.
Според најавите, тие повторно ќе отворат на 1 март, ако приликите и условите тоа го дозволуваат. Вакво нешто се случува за прв пат после нивното долгогодишно работење. Тоа не го направија ниту во време на ковид пандемијата, но економската и енергетска криза ги принудила на ваков чекор.
Но, што ќе се случува со вработените?
Принуден одмор со земање на 70% од платата веќе користеа како мерка некои хотели. Од Хотелската асоцијација на Македонија велат дека било неизводливо да продолжат со работа во овој период поради драстично зголемените трошоци за енергија и поскапите производи.
„Не е лесно да се затвори еден голем објект, па повторно да се отвори, но околностите не донесоа дека мораме тоа да го направиме“, велат од Хотелска асоцијација на Македонија.
Претстојната сезона хотелите на пазарот најавуваат дека ќе настапат со аранжмани кои ќе бидат за 30-40% поскапи од лани.
Прочитајте: Рекордна бројка: Албанија годинава ја посетиле 7,1 милион странски гости