„Многу топол ноември“ и „екстремно топол декември“ е главната констатација на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) во изработените месечни извештаи за временската состојба во Македонија за последните два месеци од 2022 година.
На скијачките центри во земјава снег немаше паднато до 9 јануари, додека почетокот на скијањето доцни со недели и се очекува да започне дури претстојниве денови, односно во втората половина на јануари. Финансиските штети од топлото време и недостигот на снег се огромни, а скијачките центри спас гледаат во сет на мерки со кои владата би ги потпомогнала периодов, пишува Мета.
Скијачкиот центар Попова Шапка во текот на една година имал 153 денови со снежна покривка, додека просекот за Маврово бил дури 111 денови со снежна покрива во текот на 12 месеци. Сепак, станува збор за просекот на денови со снежна покривка што бил измерен за периодот 1971-2000 година од Управата за хидрометеоролошки работи во овие два скијачки центра. Од сегашна перспектива, ваквите бројки се чинат нереални, земајќи го предвид фактот дека зимско-рекреативните центри годинава мака мачат да ја отворат сезоната на скијање и други зимски спортови.
Месечниот извештај за декември 2022 година, според мерењата на УХМР, покажува дека месецот бил екстремно топол и просечно врнежлив. Средномесечната температура во Маврово изнесувала дури 3,8 Целзиусови степени, додека просекот за триесетгодишниот период (1991-2020 година) за декември во однос на температурите во земјава во минатиот месец е надминат за дури 3,4 Целзиусови степени на ниво на држава.
И за ноември 2022 година, месечниот извештај на УХМР вели дека месецот бил многу топол и просечната температура во земјава била за 2,9 Целзиусови степени повисока во однос на просечната температура за ноември за триесетгодишниот претходен период. Како резултат на ова, освен тоа што досега не падна снег на пониските места, оваа зима многу задоцнија и врнежите од снег на планините.
Во ски-центарот Маврово за време на изминативе празници биле ставени во функција водичите за планинарски тури и точаците за рентање, но овие рекреативни активностите за посетителите не може да се споредат со скијачка сезона.
„Може да планинарат 50 или 100 луѓе, можат да возат точаци 50-100 луѓе, додека скијањето не може да се замени со ништо, бидејќи луѓето сакаат да дојдат во Маврово заради скијање, не заради возење точаци или планинарење“, потенцира генералниот менаџер на ски-ресортот Бистра од Маврово.
Тој признава дека проблемот со топлото време и недостигот на снег не е само проблем на Маврово или на Македонија, туку на цела Европа, Но, кај земјите во западниот свет малку е различно и таму владите излегуваат во пресрет, даваат субвенции, додека овдека скијачките центри не се препознаени во тој дел.
Целиот текст можете да го прочитате на: meta.mk