Сите сме се нашле во ситуација да извадиме од фрижидерот скапано овошје или зеленчук или пластично пакување за кое не сме сигурни дека сакаме да го отвориме. Едно скапано јаболко, расипано парче сирење или скиснат доматен сос можеби не ви се чинат многу во моментот, но тоа се пари фрлени во вода, односно во ѓубре.
Можеби ќе ве интересира: 5-те најчудни работни позиции во светот
За да бидете поефикасни и поштедливи домаќини, почнете да ги применувате овие едноставни трикови и нема повеќе да фрлите ниту едно јаболко во животот. Не само што ќе бидете поекономични, туку и ќе развиете поетички и поеколошки начин на живот.
Сите знаеме колку е лесно да излезете од супермаркет или пазар со полни кеси, а сте тргнале по леб и млеко. Со поголемиот дел од импулсивно купената храна ќе се прејадете, а добар дел ќе ја фрлите, особено ако станува збор за свежи продукти.
Кога одите да купувате храна со список, покрај тоа што не купувате непотребни работи (заштедувате пари), знаете точно колкави количини од производите ви требаат, па не купувате премногу. Составувањето на списокот значи дека точно знаете што ви треба за тој ден, уште подобро – за целата недела. На тој начин ги планирате оброците и подобро се храните, што е уште еден позитивен аспект на паметното домаќинство.
Денес има лубеница во зима и тиква во пролет, но тоа не значи дека се подеднакво здрави и корисни како во сезоната кога природно растат. Покрај тоа, се значително поскапи. Кога купувате овошје и зеленчук што не растат во тоа годишно време, тоа значи дека патувале долго време во камиони додека да стигнат до вашата кошничка. Во тоа време биле третирани со хемикалии за да останат свежи подолго време, што значи дека во вашиот дом ќе се расипат за двојно побрзо време во споредба со оние купени во сезона.
Исто така, добар начин за заштеда и за зачувување на тој оригинален сезонски вкус е конзервирањето овошје и зеленчук. Можете да ги замрзнете, да ги конзервирате или да направите супи и компоти што потоа може да ги замрзнете.
Храната што не се расипува брзо или што ја користите често паметно е да ја купувате во големи пакувања одеднаш. Не само што е поефтино, туку е и поеколошки. Масло за готвење, ориз, грав, леќа, тестенини, шеќер, сол, оцет... сето ова може да го купите во поголеми количини и да го чувате дома во пластични садови или во тегли. Овие производи може да ги набавите и од магацините на големо и да платите многу пониска цена отколку во супермаркет. Само понесете си амбалажа.