Речиси една третина од испитаниците од државава опфатени со истражувањето „Нови дигитални навики“ на Visa трошат од 600 до 900 денари месечно (26,5%) за да вршат работи преку апликации или виртуелни платформи. Секој втор испитаник (56%) користи онлајн услуги неколку пати на ден и речиси секој (99%) тоа го прави преку смартфон.
Би можело да ве интересира: Работата од дома во просек заштедува 72 минути дневно
Четворица од десет Македонци наведуваат дека нивните навики станале подигитални или се претежно дигитални, како резултат на пандемијата. За половина од испитаниците, приватното време е најдигиталниот аспект од нивниот живот. Една третина велат дека е работата, а за 15% одговорот е забава, поради големото време поминато на останатите стриминг платформи, а само 5% ја користат за здравје, што подразбира закажување вакцинации и лекарски прегледи, онлајн обуки или следење на здравјето преку апликација, стои во истражувањето.
Речиси половина од учесниците во анкетното истражување ја имаат посочено „брзината“ како најважен фактор при одлучувањето за користење на виртуелни услуги (49%), потоа „едноставноста“ со 27%, „пристапноста“ со 22% и на крај „безбедноста“ со помалку од 1%.
Денешниот потрошувач, покажува истражувањето, е подготвен да им даде приоритет на личната благосостојба и слободното време, наместо да прави сѐ пеш. На прашањето кој дел од нивниот живот значително ќе се подобри со поголема употреба на апликации и онлајн платформи, четворица од десет испитаници ја посочиле јавната администрација.
Во иднина, над една третина од испитаниците мислат дека нивните дигитални навики ќе се зголемат во работите поврзани со работата. На второ место се транспортот и здравјето (24%) и финансиските услуги (20%), како и купувањето, со истиот процент. Ова покажува дека Македонците се прилагодиле на дигиталните светски трендови и сакаат да ги вклучат практичноста и придобивките од дигиталната технологија во нивниот секојдневен живот, стои во истражувањето.
Меѓу главните платформи, секој втор испитаник најчесто користи е-банкарство и дигитални плаќања (51%), платформите за стриминг се на второ место (30%), а потоа следат апликациите за нарачка и испорака на храна (17%), додека само 1% од популацијата користат апликации за транспорт со такси.