Поголемите хотелски капацитети на охридско-струшкото крајбрежје се затворени. Дел од вработнете во туристичкиот сектор користат годишен одмор, а останатите седат дома и примаат 70 проценти плата, потврди претстедателот на Асоцијацијата на хотелиери – ХОТАМ, Крсте Блажески.
Една од причините, кои доведоа до ставање клуч на врата од јануари до средината на март, според него, се високите сметки за електрична енергија и трошоците во месеците кога интересот за хотелските услуги е минимален.
„Сите вработени се на платен список. Повеќето користат годишен одмор, земаат цела плата, ќе влезат некој ден во минус кој ќе го одработат понатаму. Се работи за вработени кои работеле многу години во секторот“, информира Блажески.
Повторно отворање најави за средината на март, кога почнува сезоната на семинари, а потоа од април се очекуваат и првите туристи од Полска, Холандија….
Интересот за летување на охридското крајбрежје, посочи дека е ист како и претходните години, но очекува подобра туристичка сезона од минатата, кога имаше ковид- пандемија.
„Интересот е како минатите години. Договорите со странските тур-оператори остануваат, нема видливо зголемување. Со оглед на сите поскапувања, во енергијата, храната и се останато и цените на сместувачките капацитети, остануваме како поефтина дестинација од соседството“, истакна Блажески.