Туризмот се враќа во сите земји во Европа без ограничувања, а сите имаат проблем како да ги пополнат сезонските работни места. Освен во Хрватска, странски работници бараат и Австрија и Германија. Дека потрагата по сезонски работници е во полн ек покажува рекордниот број на огласи за вработување и големиот број прегледи на она што се нуди на мрежата.
Имено, според проценките на туристичкиот сектор, годинава ќе се бараат 10 до 15 отсто повеќе вработени од лани, потрагата по нив никогаш не била потешка со оглед на тоа дека туризмот се враќа во сите земји без ограничувања, а сите се во проблем како да се пополнат сезонските работни места.
Сезонските сајтови за работа годинава покажаа дека заинтересираните може да аплицираат на повеќе од 200 огласи за вработување, со што забележаа повеќе од 200.000 посети и повеќе од 1.200.000 прегледи на страници, како и повеќе од 7.200 апликации за огласени позиции.
Воедно, најбарани сезонски работници се продавачите, келнерите, готвачите, магационерите и собарите и собариците, а тоа се и огласите со најмногу апликации од работодавците.
Можеби ќе ве интересира: Баварија има нова тактика за привлекување работна сила од Балканот
Очекувано, најголем дел од огласените вработувања на саемот беа за сезонска работа, но во значителен број огласи работодавачите понудија можност и за засновање на постојан работен однос по завршувањето на летната туристичка сезона.
- Покрај вработените од Хрватска, саемот уште еднаш предизвика голем интерес кај работниците од регионот и како и изминатите години евидентиран е голем број пријави за огласени позиции од кандидати од соседните земји. Најголем интерес за пронаоѓање сезонска работа во Хрватска годинава изразија и вработените од Босна и Херцеговина, Северна Македонија и Србија, соопшти организаторот на овој онлајн саем за вработување.
Не само Хрватска има голем недостиг од сезонска работна сила. Германија годинава бара околу 50.000 странски работници, Австрија околу 40.000... Сигурно е дека овие земји се голема конкуренција во привлекување работници, што покажува и податокот дека регионалниот базен на работна сила, а тоа е оттука, регионот кој ги опфаќа Босна и Херцеговина, Србија и Македонија, веќе практично е испразнет и сè потешко е да се најдат работници од овие земји.
На Виена и требаат 55.000 работници
Само на виенските компании ќе им требаат 55.000 квалификувани работници во следните три до пет години. Резултатот од анализата на потребниот образовен кадар покажа дека побарувачката го опфаќа целиот образовен кадар: од занаетчии, преку високи училишта, до технички и други факултети.
Истражувачкиот институт Макам Рисрч испитал 925 виенски компании, кои вработуваат 80.000 луѓе. Речиси една петтина од бараните квалификувани работници се поврзани со - занает.
Истовремено, на почетокот на новата година виенските компании вработиле 20 отсто повеќе практиканти во однос на претходната година. Побарувачката за дипломирани студенти на техничките факултети и универзитети, како и на универзитетите, останува висока.
- Потрагата по квалификувани работници е еден од најголемите предизвици за стопанството. Побарувачката е зголемена уште повеќе. Главната цел е да се преземат мерки кои брзо и долгорочно ќе го решат недостигот од квалификувана работна сила - изјави Валтер Рук, претседател на Стопанската комора на Виена.
Извор: faktor.mk