Утре ќе биде потпишан договорот за реципрочно признавање на возачките дозволи во Германија од страна на министрите за внатрешни работи на Македонија и Германија, Оливер Спасовски и Хорст Зехофер. Договорот ќе стапи во сила веднаш и тоа значи дека набрзо ќе можат да се заменуваат македонските дозволи во Германија, и обратно.
Преговорите меѓу надлежните министерства во Берлин и Скопје во врска со меѓусебното признавање на возачките дозволи започнаа уште во 2007 година, додека начелен договор беше постигнат уште во февруари годинава, но техничките проблеми ја одложија финализацијата на договорот.
Ова ќе претставува сериозно олеснување за сите граѓани на Македонија кои живеат или престојуваат во Германија, и кои поради проблемите околу признавањето на возачките дозволи беа изложени на дополнителни финансиски трошоци. До сега правото на управување со моторно возило во Германија македонските државјани го имаа само во првите шест месеци од престојот, а потоа мораа да полагаат одново возачки испит кој чинел околу 1500 евра.
Република Македонија до сега има склучено договори за реципрочно признавање на возачките дозволи со Италија, Шпанија, Босна и Херцеговина и Албанија. Во завршна фаза се преговорите со Австрија за возачки дозволи од Б категорија, со Австралија, Ноз Зеланд и Словенија за сите категории од возачки дозволи, а иницирано е склучување на ваков договор и со соседна Србија.