Населението на државата старее, што неминовно ќе доведе до недостаток на работна сила и грижа за повозрасните.
Би можело да ве интересира: Над 2.000 лекари заминале од Македонија во последниве три години
Одливот на висококвалификувана работна сила од земјата, истовремено и неминовно ќе доведе до намалување на квалитетот на услугите и во производството во стратешките области и индустрии на земјата. Ова ја очекува Македонија во наредната декада.
Податоците што ги исфрли проектот „Што сакаат младите – Професиите на иднината бараат знаења и вештини денес“ на Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи (ИДУЕП), се поразителни. Во проектот е скениран пазарот на трудот за младите невработени и се дадени препораки како да се ублажат состојбите кои неминовно доведуваат тие незадоволни да заминуваат од земјата.
– Сите последни кредибилни истражувања за млади покажуваат апатичност, незаинтересираност, а последните години и безнадежност што е уште позагрижувачки. Последното истражување, спроведено од Фондацијата за демократија на Вестминстер, од ноември 2021 година, покажува дека само 13% од младите сметаат дека земјата се движи во правилна насока, а 55% во погрешна. Според истото истражување само 3 од 10 млади сметаат дека за 5 години од денес државата ќе биде многу или делумно подобро место за живеење на младите, а во случај да имаат можност, речиси 6 од 10 млади луѓе би се иселиле од државата. Ова зборува доволно со какви трендови и сериозни предизвици, во делот на потребата од работна сила, би се соочиле како земја во следната деценија, од една страна при планирање на реформите во образованието, со цел продуцирање на квалификувана работна сила, а од друга страна потребите на реалниот сектор и економскиот раст и развој на државата – се наведува во проектот.
А со каков млад образовен кадар располага Македонија. Дури 70% од младите кои работат се со средно квалификувано образование. Тоа се лица на возраст од 15 до 24 години. Најголемиот број на слободни работни места се во услужната дејност и продажба која се карактеризира со ниски плати, несигурно вработување, неизвесност (пред сè од тековните економски трендови), нефлексибилност, отсуство на формално работно место, неволно привремено вработување и вработување на скратено работно време што се коси со концептот на пристојна работа.
Кај нискоквалификуваните вработени евидентна е младинската сиромаштија. Статистиката покажува дека младинската невработеност бавно се намалува. Ако пред 10 години 52,3% од невработените во земјава биле млади луѓе, денес 28,3% од невработените се млади.
– Во еден дел причина за ова намалување на бројот на невработени е иселувањето на младите (податок потврден и со последниот попис), но во дел и креирањето на новоотворени работни места во земјава како и можноста за работа од тука за компании во странство (оутсоурцинг компании и партнерства). Сепак податок кој загрижува е што секој четврти млад човек се соочува со сиромаштија, што директно укажува на потребата, младите луѓе кои веќе се вклучени во работни организации да бидат и соодветно, односно пристојно платени за нивниот труд – се наведува во истражувањето.
Младите кои сè подолго време невработени со тек на време ги губат стекнатото знаење и вештини, а статусот на невработени (издржувани) лица влијае на нивното ментално здравје и самодоверба. Дополнително, заради ограниченоста на комуникација, нивниот социјален капитал и положба во општеството станува многу скромна и ранлива.
Од невработените пак, млади (15-24 години), над 40% се со универзитетско образование.
– Во меѓувреме, во последните десет години, понудата на високо образование значително е зголемена што логично доведува и до значителни промена во образовните категории како кај вработените, така и кај невработените млади. Процентот на лица на возраст од 30 до 34 години кои се стекнале со универзитетска диплома од 14,3% во 2009 година се удвоил на 35,7% во 2019 година како резултат на либерализираните уписи и понуда на универзитетско образование. Но, и покрај позитивните трендови во делот на статистиката во вклученоста на населението во образовниот процес, квалитетот на образованието според мерењата на Програмата за меѓународно оценување на учениците (ПИСА) – е низок и недоволно квалитетен – покажало истражувањето.
За младите луѓе, креирањето и пристапот до висококвалитетни работни места на кои ќе се почитува концептот на пристојна работа е од високо значење. Ваквите работни места ќе им овозможат да продолжат да ги развиваат своите вештини и искуство, како и понатамошно градење на успешна кариера и самостоен живот.
Се нагласува потребата во земјава што побрзо да се донесе новиот Закон за работни односи, со кој ќе се регулира работата од дома и работата од далечина со цел излегување во пресрет на младите луѓе кои ги користат овие опции за работа за домашни или странски компании. Во моментов потенцијалот за работа од дистанца (работа од дома) во Македонија се проценува на околу 24% од вкупниот број на расположливи работните места.
Целиот текст прочитајте го на vecer.press