Практичната настава кај нас нечесто се плаќа, за разлика од западноевропските земји каде учениците и студентите земаат задоволителни месечни хонорари.
Би можело да ве интересира: Која земја во регионот има најмладо население?
Неплатеното ангажирање, според студентите и учениците, е една од причините која ги демотивира да спроведуваат практична настава. Наташа Аневска, проектен менаџер во Стопанската комора, вели дека потребниот двонасочен процес, компаниите да добиваат ангажман, а учениците хонорар, се спроведува во средното стручно образование, но, вели, факт е дека свеста за ова кај компаниите расте.
„Во делот на високото образование, ние имаме реализација на практична обука само во летниот период. Некои високообразовни институции воспоставиле практична обука и соработка и во текот на студиската програма. Со одговорност можам да потврдам дека процесот на она што се случува во стручното образование каде што компаниите кои земаат ученици на пракса, им плаќаат на учениците определен надоместок за нивното работно ангажирање. Значи, има компании кои им плаќаат и таа надокнада стои и во договорите. Истото тоа може како добар пример да се преслика и за студентите од високообразовните институции. Меѓутоа, важна е соработката и оној заеднички договор и довербата којашто треба да се стекне помеѓу високообразовната институција и компанијата којашто го зема ученикот или студентот на пракса“
Процесот иако сѐ поредовно тече во средното образование, случајот не е таков и со високото образование. Законски измени за средното образование веќе се направени во Законот којшто сѐ уште не е изгласан, но Аневска е согласна дека измени, можеби, треба да има и во Законот за високо образование.
„Знаете дека во Македонија претежно имаме мали и средни претпријатија, големите претпријатија, да не речам и странските инвеститори во целост ги исполнуваат тие должности. Меѓутоа расте свеста кај команиите, посебно кај средните и некои од помалите компании, кои отплаќаат определен надоместок. Во делот на стручното образование можам да кажам дека тоа веќе го регулиравме во новиот Закон којшто треба да се изгласа за стручно образование и обука. Меѓутоа, можеби ќе треба и некоја законска измена да се направи во Законот за високо образование“, додава Аневска.
Со цел да се учи преку пракса, Министерството за образование и наука во стручните училишта го спроведува проектот „Учи паметно – работи стручно“. Во Штип дуалните паралелки се присутни од минатата година и опфаќаат околу 40 ученика во трите средни стручни училишта. Меѓутоа, во рамки на оваа програма финансискиот надоместок го плаќа МОН, а компаниите имаат обврска да обезбедат ментор за учениците кој ќе работи со нив во компанијата, да ја платат неговата обука и работа.