Татковците на породилно, скратени договори на определено време, повисоки опремнини за технолошки вишок, новиот „Устав“ на работниците ќе биде готов до следната зима!?
Синдикатите, работодавачите и власта повторно на заедничка маса. Договорија до крајот на годината да биде готов новиот Закон за работни односи. Ќе се менуваат правилата за трудничкото отсуство, потоа договорите за пријавување на вработените, колективните договори во институциите и компаниите. Законот има за цел да ги подобри работничките права, и да се намали можноста за злоупотреба на трудот на работниците. Економско – социјалниот совет овој период дебатира и ги усогласува барањата на сите засегнати страни.
Би можело да ве интересира: Тренд во текстилната индустрија – две светиниколски конфекции даваат по 5.000 денари за носење на нов работник
„Траењето на Договорите за вработување на определено време наместо да се утврди на максимум до една година, МТСП во текстот предлага истите да се склучуваат на две години и на тој начин наместо да ги унапреди правата ги враќа на нивото пред 10 години кога и се склучуваа на две години иако знае дека според последните податоци од АВРМ и Државниот завод за статистика, Договорите за вработување на определено време се за ¼ повеќе од договорите за вработување на неопределено време односно само во 2021 година од невработените лица, 83,757 биле вработени на договор на неопределено работно време, а 116,062 лица биле вработени на договор на определено работно и истите беа главна причина за отпуштања на работниците во време на криза во изминатите две години“, велат од ССМ.
Дополнително, Сојузот на синдикатите на Македонија за намерата на Министерството за труд и социјална политика да ги укине сите колективни договори во државата остро реагираше на сите досегашни состаноци, особено поради тоа што важењето на колективните договори и нивните одредби ќе бидат максимално до 1 година и потоа ќе нема колективни договори. Исто така, во новиот Закон за работните односи треба да се избрише можноста за прераспределба на работното време која е спротивна на Директивите, синдикалците реагираат и дека таа не е јасна ниту не е спроведлива и најчесто се злоупотребува за да не се плаќа трудот на работниците. Сојузот на синдикатите на Македонија бара при прогласување на технолошки вишок, да се зголеми бројот на отпремнини и работниците да имаат право на две опремнини на секои пет години работа до 12 отпремнини. Во законот има потреба и од допрецизирањеи на породилното отсуство во делот на еднакво плаќање на родителското отсуство на мајката и таткото во висина од 100%.