Нема работа под стрес, а не мора ни да кажеш каде се гледаш себеси за пет години. Од вештини потребно е да знаеш да собираш и да множиш или да знаеш да работиш на дигитрон. Ова стои во шеговитиот оглас за работа во скопско кафуле, објавен на социјалните мрежи.
„Мислам дека нема кафуле, кафеана, ресторан каде не им требаат луѓе. Ако е сега ваква ситуацијава којзнае каква ќе биде кога ќе дојде лето и кога и тие што ги бива малку ќе си отидат за Хрватска, за Грција, за Малта. Многу е тешко, не можеме да најдеме луѓе. Ќе ги обучиме и ќе си отидат за 3-4 месеци максимум и што е најсмешно после доаѓа и ја бара работата пак кога ќе му помине сезоната“, вели Саша Шотаровски, менаџер на кафулето.
Во коментар на објавата тој вели дека никој не сака да работи за 30.000 денари плата плус бакшиш, 6 часа дневно, 6 дена во седмицата, бидејќи сите сакаат државна работа.
„Модерно е да работат во општина за 23-24000 или во министерство, а не е модерно да работат некаде кадешто врвни баристи би земале меѓу 1500 и 2000 денари на ден, плус бакшиш и осигурување. Поставено е така да сакаат државно да се работи, иако тоа е половина од она што во поелитно кафуле или ресторан би го земале младите или кој било“, додаде тој за РСЕ.
Целиот текст можете да го прочитате на slobodnaevropa.mk
Aвтор: Емилија Бунтеска Нацоска