Утре ќе биде објавено колкави ќе бидат замрзнатите цени на тестенините и млечните производи.
Би можело да ве интересира: Млекото во Австрија е поевтино отколку во Македонија
По еднонеделната анализа на Министерството за економија се очекува замрзнувањето на цената на тестенините и шпагетите да биде за 10% пониско од она по што во моментов се продаваат. За млечните производи сè уште не се наведуваат детали. Некои производители веќе почнале сами да намалуваат одредени цени за да избегнат нивно замрзнување.
„Утре наутро ќе имаме одлука за тестенините и млечните производи. Граѓаните да бидат спокојни, ќе се намалат цените не само на овие производи. Ќе продолжиме и за сите останати производи за кои анализата ќе ни покаже дека имаат поголема добивка или маржа од редовната. Цените на тестенините ќе се намалат за над 10%, на млечните производи утре ќе кажеме затоа што гледаме дека и тие сами ги намалуваат“, рече министерот Бектеши.
Повикувајќи се на листата на маржа што ја нагласува министерот, до 5% од продажната цена во трговијата на големо, односно до 10% од продажната цена во трговијата на мало, во листата на замрзнати цени како лебот ќе се додадат и пастеризираното млеко со содржина на маснотии од 2,8%, 3,2% и 3,5%, сирењето, урдата, тестенините и шпагетите. Во третата фаза, според оваа листа на маржи, се очекува да има замрзнување на цените на брашното, тип 400, непреработеното сончогледово масло, сончогледовото масло за готвење, свежото месо и печените месни производи, оризот, јајцата, солта, шеќерот и овошјето и зеленчукот.
Но, споредено со земјите од регионот и Европа, ова намалување на цените со интервенција на државата кај нас доцни. Според економските експерти, врз основа на падот на цените на референтната берза на суровини, трговците имаат тенденција само да профитираат.
Од друга страна, вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи вели дека направиле царински олеснувања. Субвенционирањето на струјата за производителите на храна не ја постигна во целост целта, па се продолжи со замрзнување на цените. Тој рече дека во оваа криза бизнисите мора да жртвуваат дел од својот профит.
„Сега е донесена одлука за намалување на царините за производите тестенини и доматно пире, што треба да придонесе за намалување на цените на овие производи. Се разговара и се прават финални анализи за одредени производи кои се во секторот млечни производи. Не сакаме да им наштетиме на производителите, но мораме сите да ги здружиме силите и да ги намалиме цените за граѓанинот да биде најмалку оштетен во овој период на криза“, вели Битиќи.
Според законските норми, за прекршување на овие одлуки, глобите ќе бидат од 800 до 1.000 евра за микро трговци, од 1.600 до 2.000 евра за малите трговци, од 3.000 до 6.000 евра за средни трговци, а казни од 7.000 до 10.000 евра за големи. За непочитување на замрзнатата цена на лебот, пазарниот инспекторат веќе изрече десетици казни.