Канцеларијата за координација на планетарната одбрана на НАСА објави дека Денот на вљубените во 2046 година е загрозен бидејќи има „мали шанси“ астероид со големина на олимписки базен да удри во Земјата токму тој ден.
Би можело да ве интересира: Времето им истекува: Популарни градови што ќе потонат до 2030 година
Проекциите на Европската вселенска агенција (ESA) велат дека шансите споменатиот астероид да удри во Земјата во 2046 година се 1 спрема 625, но проекциите на самата НАСА велат дека шансата е нешто поголема, односно 1 спрема 560.
Торинска скала
Астероидот за кој станува збор се вика 2023 DW и е единствениот вселенски објект на списокот на ризични објекти на НАСА што е рангиран како 1 од 10 на Торинската скала на опасност од удар, метрика за категоризација на предвидениот ризик од судир на објект со Земјата. Сите други објекти се рангирани како 0 на скалата во Торино.
Оценката од 1 на гореспоменатата скала навистина значи само дека можноста за удар со Земјата е многу мала, без причина за внимание или загриженост на јавноста, според Лабораторијата за млазен погон на НАСА (JPL). Од друга страна, резултатот од 0 на истата скала значи дека веројатноста за судир е нула или толку мала што практично е нула.
Дополнителните анализи можат драстично да ги променат шансите за удар
Претставниците на НАСА предупредија дека шансите за удар на астероид може драматично да се променат бидејќи се собираат повеќе набљудувања на 2023 DW и се спроведуваат дополнителни анализи.
Честопати, кога за прв пат се откриваат нови објекти, потребни се неколку недели податоци за да се намалат неизвесностите и адекватно да се предвидат нивните орбити години во иднината, се вели во објавата оваа недела на NASA Asteroid Watch на Твитер.
Но, не е невообичаено новооткриените астероиди да изгледаат заканувачки кога првпат се набљудуваат.
Бидејќи орбитите кои произлегуваат од многу ограничени групи на набљудувања се понеизвесни, таквите орбити се со поголема веројатност да „овозможат“ идни влијанија. Сепак, ваквите рани предвидувања често може да се отфрлат бидејќи вклучуваме повеќе набљудувања и ги намалуваме неизвесностите во орбитата на објектот. Најчесто, заканата поврзана со одреден објект ќе се намали како што ќе станат достапни дополнителни набљудувања, вели Центарот за проучување на објекти блиску до Земјата на JPL на својата веб-страница.
НАСА има оружје за тоа
Астероидот 2023 DW, кој првпат беше забележан на 2 февруари оваа година, има дијаметар од околу 50 метри, соопшти НАСА. Додека орбитира околу Сонцето, има 10 предвидени приоди кон Земјата, при што најблиску е планирано да се случи на 14 февруари 2046 година, а останатите девет меѓу 2047 и 2054 година. Најблиску што астероидот треба да дојде до Земјата е околу 1,8 милиони километри, според страницата Eyes on Asteroids на НАСА.
2023 DW патува со брзина од околу 25 километри во секунда, на оддалеченост од повеќе од 18 милиони километри од Земјата, а на секои 271 ден овој астероид прави целосен круг околу Сонцето.
Но, во септември 2022 година, со спектакуларно успешната мисија DART, НАСА покажа дека човештвото има оружје против потенцијално опасните астероиди и е подготвено за такви сценарија. Во мисијата DART, да потсетиме, вселенското летало на НАСА намерно удри во астероид со цел да ја промени својата траекторија.