Навивачите на другите шпански клубови, особено на Реал, реагираа на скандалот со подмитувањето судии од Барселона со печатење на банкноти од евра со ликот на претседателот на Барса, Бартомеу.
Би можело да ве интересира: За Олимписките игри во Париз во првата фаза продадени 3,2 милиони билети
„Скандалот на векот“, како што го нарекуваат тамошните медиуми, ја тресе Шпанија. Обвинителството во Барселона поднесе обвинение за корупција против ФК Барселона и нејзините поранешни претседатели Хосеп Марија Бартомеу и Сандро Росело. Тие се обвинети дека платиле вкупно 8,4 милиони евра на Хозе Марија Енрикес Негреира, поранешниот потпретседател на шпанската судиска комисија и неговата компанија од 2001 до 2018 година. За возврат, Негреира им делегирал судии кои ѝ одговараат на Барселона и гарантирал дека тие ќе судат во нејзина полза.
Барселона од 2001 до 2018 година платила 8,4 милиони евра мито
На првото судско рочиште вчера во Барселона, државното правобранителство го обвини истоимениот клуб за „корупција, фалсификување службени документи и нарушување на довербата“. Обвинителите рекоа: „ФК Барселона склучил и одржувал строго доверлив вербален договор со Хозе Марија Енрикес Негреира, во својство на потпретседател на шпанската судиска комисија, да дејствува во замена за пари, така што Барселона имала привилегиран статус кај судиите.“
Обвинети и двајца поранешни претседатели на Барса
Интересно, иако во периодот кога Барселона е обвинета за плаќање судии, нејзин претседател во прв мандат (2003-2010) беше и сегашниот Жоан Лапорта, тој не е осомничен за тоа кривично дело.
И покрај ова, Хавиер Тебас, првиот човек на Ла Лига изјави дека Лапорта мора да поднесе оставка. Единствениот услов под кој може да остане претседател на Барселона, додаде Тебас, е да каже сè што знае за поткупот на судиите во одредено време.
Лапорта: Барселона апсолутно никогаш не купувала судии
Лапорта одговори дека нема шанси да поднесе оставка, а обвинувањата против Барселона започнаа три дена откако нејзиниот претседател изјави: „Нека биде јасно дека Барселона никогаш не поткупувала судии и никогаш немала намера да ги поткупи. Апсолутно никогаш“.
Аферата беше откриена минатиот месец од новинарите, поточно од радиостаницата SER Catalunya, која го објави откривањето на даночната администрација по прегледот на деловните книги на компанијата на Негреира, Dasnil 95. Во периодот од 2016 до 2018 година, Барселона уплатила вкупно 1,4 милиони евра на нејзина сметка.
Барселона призна дел од уплатите: Дадовме пари за видеокомпилации со судиите
Клубот уплатил вкупно 7 милиони евра на приватната сметка на Негреира во периодот од 2001 до 2018 година, кога тој престанал да ја извршува функцијата втор човек на шпанската судиска организација.
Барселона ги призна уплатите на сметката на компанијата: „Им ги исплативме споменатите суми како надворешен технички консултант, за да ни направат видеокомпилации од судиските настапи. Ги користевме овие снимки за да собереме информации за нивниот стил и начин на судење, со цел да ги поучиме играчите соодветно. Компаниите за ангажман за вакви работни места е вообичаено меѓу професионалните спортски клубови“.
Се чини дека тоа не е баш така, бидејќи 18 од 20-те клубови од Ла Лига реагираа на ова со заедничко соопштение во кое ја изразија својата длабока загриженост поради откритието што правела Барселона. Единствениот клуб освен Барселона кој не реагираше е Реал. Лапорта одговори дека Барселона ќе започне внатрешна истрага за исплатите.
Чави освои седум титули и три купа во време кога Барселона плаќала милиони за судии
Чави, тренерот на Барселона кој во споменатиот период како клучен играч на клубот освои седум шампионски титули и три купа, изјави дека нема сознанија за исплатите на судиите и дека никогаш не почувствувал дека се фаворизирани од нивна страна.
„Како играч секогаш одев на победа, но фер. Да мислев само за момент дека мојот клуб мами, ќе си одев дома“.
Сепак, сите шпански медиуми пишуваат дека сериозноста на злоделата за која се обвинува Барселона и тоа што е под обвинение сериозно го загрозува нејзиното играње во Европа следната сезона. Имено, УЕФА и без да чека пресуда може да оцени дека угледот на нејзините натпреварувања сериозно би бил нарушен со самото присуство на клуб обвинет за криминал. Членот 4 од правилата за натпреварување на УЕФА го кажува ова јасно.
Барселона се плаши и од УЕФА
Во него се зборува за заштита на вредностите и духот на фудбалот, на што инсистира УЕФА, а се забележува дека клубовите дека има индиции дека учествувале во местење натпревари на национално или меѓународно ниво, ги прекршуваат овие правила. УЕФА има право да им забрани на таквите клубови да влезат во европските купови, без разлика дали се квалификувале за нив.
Инаку, УЕФА пред неколку дена побара од Барселона официјално објаснување за ситуацијата, но тогаш аферата беше „само“ под истрага. Фактот што беше претворен во обвинение предизвика галама и во Нион и во Камп Ноу.
Кога конечно ѝ тргна, ѝ се заканува протерување од Европа
Затоа, настапот на Барселона во Лигата на шампионите следната сезона е во сериозна опасност, токму кога под Лапорта се ослободија од огромен дел од долговите кои ја доведоа до работ на банкрот и додека суверено одат кон шампионската титула, а тие се во одлична ситуација во Купот на кралот.