Европската комисија предложи да се дозволи продажба на нови автомобили со мотори со внатрешно согорување дури и по 2035 година, доколку тие работат на климатски неутрални е-горива, покажа документот објавен во вторникот и виден од британската агенција Ројтерс.
Попуштајќи на германскиот притисок, Комисијата предложи таквите возила да бидат меѓу дозволените од 2035 година, под услов новите технолошки решенија да го спречат нивното возење доколку користат горива различни од еколошките, според предлогот на Комисијата до германското Министерство за транспорт.
Во понеделникот беше објавено дека разговорите со Комисијата за планираната забрана за нови мотори со внатрешно согорување од 2035 година напредуваат, но дека не може да каже кога ќе биде постигнат договор.
По неколкумесечни преговори, Европскиот парламент, Европската комисија и земјите-членки на Европската унија минатата година се согласија на закон со кој од 2035 година ќе биде невозможно да се продаваат автомобили со мотор со внатрешно согорување. Но, Германија го објави своето противење во последен момент овој месец, барајќи да им се дозволи на новите автомобили со мотори со внатрешно согорување да се продаваат по тој датум доколку се напојуваат со е-горива.
Француската министерка за европски прашања во вторникот го отфрли германското противење на законот со кој се бара новите автомобили што се продаваат во ЕУ да имаат нулта емисија на штетни гасови од 2035 година и рече дека таа треба да го поддржи претходниот договор. „Треба да се држиме до договореното. Не се сомневам дека Германците ќе најдат договор со своите колеги за ова“, изјави француската министерка Лоренс Бун за новинарите во Брисел.
Германската министерка за ЕУ, Ана Лурман изјави дека германската влада и Европската комисија се уште разговараат за некои конечни детали.
„Очекувам тие разговори да бидат завршени пред самитот оваа недела“, рече таа, мислејќи на состанокот на лидерите на ЕУ во четврток и петок.