Граѓаните на Куманово наскоро ќе добијат можност да пријават пожар преку апликација која ќе се инсталира на мобилен телефон.
Доколку забележат пожар, особено ако се подалеку од населните места, како планина или излетничко место, тие ќе можат да направат фотографија и преку апликацијата да ја пратат во Територијалната противпожарната единица Куманово.
„Со таа слика ние ќе добиеме точни координати и локација, која површина е зафатена и што гори, по што ќе имаме целосна претстава за пожарот. Врз основа на тоа ќе правиме проценка како да се подготвиме за терен. Притоа, најважно е што ќе знаеме каде одиме. Луѓето најчесто во паника не знаат ни да ни дадат точна адреса, ниту да ни објаснат каде се наоѓаат. Исто така, не е иста нивната и наша проценка за големината и брзината со која се шири пожарот. Ако навреме се прати поголемо возило и повеќе луѓе, поефикасна ќе биде интервенцијата, во спротивно губиме драгоцено време а огинот не чека“, вели Деан Илиевски, командир на Територијалната противпожарна единица Куманово.
Тој додава дека со оваа апликација ќе се отстранат и лажните пријавувања, но ќе имаат увид и во брзината на дејствување од нивните пожарникари.
„Со праќање на фотографија по мобилен телефон ќе се знае кој е пријавувачот, но ќе имаме и доказ дали вработените регирале навреме. При секоја интервенција најбитно е пријавувањето и затоа побаравме во проектот да се направи ваква апликација“, смета Илиевски, кој додава дека таа ќе им служи и пошироко, бидејќи доколку се пријави пожар од друга општина тие ќе препратат до нивните служби.
Мобилната апликација ќе биде ставена во функција за околу 6 месеци, бидејќи во тек е постапка за избор на фирма којашто ќе ја изработи. Таа е дел од проектот „Заштита и превенција од пожари во микро региони во општините Куманово, Липково, Старо Нагоричане и Ранковце“, кој го спроведува Центарот за развој на Североисточниот регион. Со него е предвидено и да се набават три противпожарни возила за отворен простор, комплетна заштитна опрема - интервентни одела за отворен простор и комбинезони за шумски пожари, дополнителна работна опрема и метални шкафови. Преку проектот ќе се реновираат и гаражите во Куманово, а ќе се инсталира и нов систем за греење кој ќе ги замени старите ќумбиња на дрва, за да не мрзне водата во цистерните.
Вредноста на проектот е 21.644 милиони денари или околу 350 илјади евра, а подеднакво ги обезбедуваат Министерството за локална самоуправа и Швајцарската агенција за обнова и развој. Партнер во проектот е Противпожарната единица во Ранковце, која ќе добие едно возило и дел од опремата. Имплементацијата на проектот е за две години.
Во Противпожарната единица Куманово работат 46 пожарникари, кои ги покриваат општините Куманово и Липково. Во текот на минатата година имала 359 интервенции.