Mоже нема да се менуваат табличките, туку врз нив ќе се ставаат НМК налепници
Би можело да ве интересира: Еве до кога треба да ги промените личните документи и колку тоа ќе ве чини!
Една од опциите што ја разгледува МВР е наместо нови таблици со ознака НМК, возилата да добијат само налепници. Промената е на товар на граѓаните, а транспортерите освен таблички ќе треба да менуваат и куп документи. Дополнително наскоро поскапува вадењето пасош, лична карта и возачка дозвола.
Налепници врз ознаката „МК“ на регистарските таблички за возила, наместо промена на целите таблички, се една од опциите која се разгледува во Министерството за внатрешни работи. Приоритет е граѓаните да бидат задоволни, па затоа веќе е формирана работна група, која е во комуникација со Министерството за транспорт, а преку нив и со здружението на камионски транспортери, вели министерот за внатрешни работи во интервју на Радио Слободна Европа.
Граѓаните најдоцна до 12 февруари 2024 треба да ги променат регистарските таблички и на нив да има ознака „НМК“ наместо досегашната „МК“, што е обврска која произлегува од Преспанскиот договор. Македонија на 17 јуни 2018 потпиша договор со соседна Грција за промена на името во Република Северна Македонија, по што се овозможи влез во НАТО.
Овој договор стапи на сила на 12 февруари 2019 година, што значи дека личните документи, патните исправи и регистарските таблички треба да бидат сменети до 12 февруари 2024 година.
Наскоро граѓаните за пасоши, лични карти и возачки дозволи ќе треба да дадат повеќе пари, оти владата донесе одлука за повисоки цени. Одлуката ќе стапи на сила штом ќе излезе во Службен весник. Пасошите ќе чинат 500 денари поскапо, односно наместо 1800, возрасните граѓани ќе треба да платат 2300 денари. А повеќе ќе чинат и документите кои се издаваат по итна постапка.
Министерот Спасовски очекува за кратко време да биде објавено поволно решение за граѓаните во врска со промена на табличките.
„Јас барем така се надевам и очекувам, со тоа што од друга страна ќе мора да се стават и норми на строги казни за сите оние што нема да го почитуваат тоа како решение. Мора да направиме една комбинација која ќе биде од интерес на граѓаните, меѓутоа да имаме и сериозно одговорност“, рече Спасовски за Радио Слободна Европа.
Во земјава, освен таблички со ознака „МК“ на сино поле на почетокот од таблицата, има и стари таблички без ознака МК, само со кодот на градот, три бројки и две букви. Но и тие ќе треба да ги сменат табличките, вели министерот Спасовски.