Министерот за внатрешни работи, гостувајќи во утринската програма на Националната телевизија, беше прашан за најавеното можно решение за употреба на налепници на регистарските таблици наместо да се издаваат нови како обврска од Преспанскиот договор, при што тој истакна дека тоа решение е во напредна фаза, но на крајот ќе се разговара на седница на Влада за конечното решение.
- Како МВР сметаме дека едно од решенијата е да се стават налепници. Со налепници практично без некаков трошок или многу мал трошок, да се задоволи тој законски момент, вели министерот.
Министерот Спасовски нагласи дека најважно за МВР е да се донесе најдоброто решение.
-За нас е важно да го донесе најдоброто решение за граѓаните и да се остави опциона можност, ако сака граѓанинот да ја смени табличката, ако сака да стави налепница. Тоа би било едно од можните решенија. Јас очекувам дека наскоро ќе го дефинираме и ќе излеземе пред јавноста. Ние стоиме на располагање преку измени во упатства да имаме поповолно решение за секој од нас, кажа Спасовски.