Петти ден железничките пруги во земјава мируваат. Причина за тоа е штрајкот на вработените во Македонски Железници – транспорт.
Пет дена железничките пруги во земјава се празни. Возовите не сообраќаат од минатиот петок поради штрајк на вработените во Железници транспорт. Тие велат дека не се платени доволно, а дополнителен проблем е недостатокот на кадар“
Машиновозачите бараат покачена февруарска плата и вредноста на бодот да се зголеми за 30 отсто, а кондуктерите да добијат надомест за ноќната работа.
Разочарувањето е големо, велат од Синдикатот, затоа што според нив, никој од менаџментот на Македонски Железници – Транспорт, не ги повикал на разговор.
„Машинските и извршниот персонал од минатиот петок е во бојкот поради непреговарање од менаџерскиот тим за покачување на вредноста на бодот за 30 отсто и неисплаќање на плата за вториот дел од февруарската плата. Чувствуваме разочараност што веќе петти ден никој од менаџерскиот тим на МК Железници не најде време да седне со нас“,изјави, Тони Димовски, претседател на машиновозачи.
Тие додаваат дека штрајкот на железничкиот сообраќај ќе биде до исполнување на нивните барања.
Од кабинетот на новиот генерален директор на претпријатието, Зуљхајрат Демири, нема одговор кога планира да разговара со вработените, но најавуваат дека на владина седница ќе го претстави проблемот и ќе се бара решение..
„Претпријатието беше во многу тешка состојба, каде што немаше пари ни за плати. Од Владата се обезбедени 50 милиони денари за плати и утре треба да има средба по ова прашање. Искрено веруваме дека овој проблем ќе се реши за брзо време“-кабинет на генерален директор.
Ова не е првпат железничкиот сообраќај да се соочува со проблеми. Тој години наназад е во лоша состојба. На старите и дотраени возови им треба со часови да стигнат до одредена точка, а минатиот ноември возот од Скопје до Битола патувал цели 10 часа поради расипана локомотива на товарен воз.