Со предлог-измените на овој закон пратениците од власта предлагаат прекувремената работа на работниците во случаите кои се од национален и стратегиски интерес, како што е проектот „Бехтел и Енка“, да може да трае подолго од пропишаните осум часа во текот на една недела, повеќе од осум часа во просек неделно во период од три месеци и повеќе од 190 часа годишно, со претходна согласност на работникот.
Во Собранието попладнево започна седницата на Комисијата за труд и социјална политика на чиј дневен ред е предложената измена на Законот за работни односи по скратена постапка. Законот е еден од осумте закони за кои пратениците од мнозинството предложија измени, а поврзани со изградбата на автопатските делници од коридорите 8 и 10-д што ќе ги гради американско-трускиот конзорциум „Бехтел и Енка“.
Претседателот на Комисијата, Елмин Азири, од редовите на Алијанса за Албанците (АА) ја отвори седницата и предложи да се изгласа дневниот ред, на кој како единствена точка е предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за работни односи, по скратена постапка.
Истовремено, не се наведува колку е новата граница за прекувремена работа, што значи дека нема ограничување колку часа дополнително може да работи еден работник.