Да, живеам со свекрва веќе 10 години и се согласуваме феноменално. Ако тоа не ви зборува дека сум тимски играч, не знам што ви зборува.
Добар ден, моето име е Ана Билан. Ми здосади да пишувам стандардни молби бидејќи тие досега не ми донесоа работи какви што сакам. Па ќе ви пишувам од срце, она што навистина сакам да го напишам, а не само да ја задоволам формата за молба за работа.
Значи вака, која сум јас?
Јас сум жена од речиси 29 години. Мајка сум на две деца од 9 и 5 години. Да, добро прочитавте, 9 и 5. Станав мама на неполни 20 години а годинава прославив и 9 години од бракот. Да, се омажив со 19,5. На 19 години се отселив од семејниот стан во Сплит и отидов да живеам во Клана.
Веднаш да ви одговорам на прашањата кои сега ви се мотаат по глава.
Одговор на првото прашање. Клана е едно мало место покрај Ријека (така сакаат да кажат мештаните од Клана, иако тоа е едно мало место бестрага, поблиску е до Словенија отколку до Ријека).
Одговор на второто прашање: Да, се навикнав да живеам во Клана (човек на сè се навикнува).
Одговор на третото прашање: Затоа што го сакам својот Човек и би одела со него на крајот на светот.
Зошто знам кои прашања ви се мотаат по глава? Не затоа што сум препаметна туку затоа што на тие прашања одговарам 10 години.
Е сега, зошто јас сето ова ви го пишувам? Затоа што сето ова зборува за мене како личност и работник повеќе отколку што би го зборувале тоа три факултети (да ги имав завршено). Јас мислам дека за еден работодавец е најважно вработениот да е вреден и да е тимски играч. Зошто? Затоа што можам јас да имам три факултети (кои ги немам) ама, ако немам желба да работам, џабе. Исто е и со искуството. Тоа што сум работела некаде 10 години не значи дека сум била добар работник ниту дека знам да работам. Ама, ако имам волја да работам, сè можам да научам, и она што нема врска со моето образование.
Вредна. До 19 години не знаев ни јајце да испржам, ма ни плин немам запалено ако подобро размислам (знам дека ова не ми оди во прилог па читај понатаму). Ја имав мојата нона која правеше сè за мене и брат ми (ја имам и понатаму, жива е, ама во Сплит). Да не сум вредна, немаше теорија да отидам 400 километри од дома кај што сè ми беше сервирано како на принцеза. Сама сè научив, и да готвам и да перам и да се грижам за мало дете.
Тимски играч.
Со 19 се омажив и уште сум во брак. И тоа среќен. Точка. На паметен му е доста. И да, живеам со свекрва веќе 10 години и се согласуваме феноменално. Ако тоа не ви зборува дека сум тимски играч, не знам што ви зборува.
Борбена и упорна.
Не знам колку работодавците сакаат борбени работници но ете јас тоа го сметам за квалитет. Зошто мислам дека сум борбена? Не мислам, знам. Бидејќи на 15 години дознав дека имам тумор и на 15 го излечив. Хемотерапии, зрачења, сè имам одработено. Секој ден после зрачење одев во школо, а не морав, можев и дома да лежам, имав право на тоа.
Кога пред седум години бев на редовен преглед а со себе ја имав земено мојата тогаш двегодишна ќерка, лекарот ме прашува чие ми е тоа дете? Јас му викам мое. А тој ми вика: Ваше сигурно не е бидејќи вие не можете да имате деца! Топ изјава. Да ѝ кажеш на жена дека детето не е нејзино. Како јас да можам да заборавам дека имам раѓано. Зошто ви го пишувам ова? За да ви покажам дека јас го можам и она што не се може.
Ете, ако јас не сум работник каков што може да се посака, не знам кој е. Млада, способна, паметна, веќе родила две деца и не мисли да раѓа уште, едвај чека да работи бидејќи доста време е домаќинка, ма... да посакаш таква!
Па ете, оној кој ме посака (за работник) нека се јави на мојот меил anabilen0@gmail.com
Се разбира, со молбата ви праќам и CV да видите каде и што имам работено. А има и моја слика, за да видите како изгледа тој вонземјанин кој се согласува со својата свекрва.
Ана Билан