За младите најпосакувана позиција е работата во јавната администрација.
Податоците на Меѓународната организација на трудот, покажуваат дека на младите во Македонија им се потребни во просек по 31 месец од дипломирање до првата работа. Овој период е многу подолг за младите со средно образование отколку за младите со универзитетска диплома, додека за оние што имаат завршено само основно образование, процесот може да трае и до 62 месеци.
Најпосакувана работна позиција кај младите е работа во јавната администрација со 56 отсто, што оддава впечаток на ниска свест на младите за стекнување на вештини и нивно пласирање во приватниот сектор.
Младинското (не)вработување не е само прашање на барање на работа, професија и обезбедување на опстанок, туку е клучно за позиционирање на улогата на младите во општеството – ова е еден од заклучоците нотирани во документот за јавна политика со назив „Младинско (не)вработување: политики, мерки и вештини“, креиран од Здружението Лидери за едукација, активизам и развој (ЛЕАД).
Документот детално ги разгледува причините за постоењето на оваа несакана појава, а дава и препораки за справување и подобрување на моменталната состојба со младинската невработеност.
Во него се забележува дека и покрај низата мерки за младинско вработување воведени во последните 10 години, стапката на невработеност останува висока и е повеќе од два пати поголема од европскиот просек.