Јавното претпријатие за државни патишта објави оглас за привремено вработување на работници за проектот за изградба на четирите автопати на изведувачот Бехтел и Енка на Коридорот 8 и 10д. Вработувањата ќе траат до завршувањето на проектот, како што пишува во огласот, до 22 јануари 2028.
Овие кандидати ќе ги вработува Јавното претпријатие за државни патишта, според нивниот правилник за систематизација, а интересно е тоа што, наспроти упорноста на власта за законски измени со кои ќе може конзорциумот да ангажира работници за 60 часа неделно, овие вработени ќе работат само 40 часа неделно.
Како најатрактивно работно место е потребата од еден помошник на главниот и одговорен координатор на проектот. Треба да биде градежен инженер и ќе добива основна плата од 70.052 денари. Работното време ќе му биде осум часа дневно во прва смена.
Се бара и еден координатор на единицата за подготовка на проектот. Тој ќе треба да има завршено на некој од факултетите за општествени науки, ќе работи 40 часа неделно и ќе добива нето-плата од 60.005 денари. ЈПДП има потреба и од еден координатор „на единицата за техничка изведба на проектот“, кој треба да биде градежен инженер за 65.029 денари.
Се бараат и четворица специјалисти што се разбираат во експропријација на имот, а при тоа треба да имаат завршено факултет од општествените науки. И за нив ќе важи истото работно време, а ќе добиваат основна плата од 45.045 денари. Се бара и по еден преведувач и по еден „известувач“ за проектот. Треба да имаат какво било високо образование. Ќе работат од понеделник до петок по 40 часа и ќе добиваат исто така плата од 45.045 денари.
Се бараат и двајца администратори кои може да имаат средно образование, а ќе добиваат нето плата од 30.000 денари. За истата плата се бараат и двајца возачи со најмалку средно образование.
На огласот се отвораат и пет работни позиции за „специјалисти за инвестиции и градба на патишта“. Тоа би биле градежни инженери со тригодишно искуство за плата од 55.037 денари. За истата плата се бара и еден „урбанист“, еден геодет, како и двајца „специјалисти за подготовка, изработка и следење на проектна документација“. Оваа плата ќе ја добиваат и двајца што се разбираат во заштита на животната средина, еден електроинженер што се разбира во енергетски објекти и еден сообраќаен инженер.
Огласот ќе трае до 25 април, а директорот на ЈПДП ќе формира комисија која ќе треба да ги селектира кандидатите. Изборот може да трае од 45 до 120 дена, во зависност од тоа колку кандидати ќе се пријават, што може да се види и на линкот објавен на 13 април на веб-страницата на јавното претпријатие.
Автопатите што треба да ги гради Бехтел и Енка, уште не почнати, се соочуваат со серија контроверзности. Прво се заобиколија закони и се донесе нов закон „во четири очи“ за таа цел. Имаше проблеми и со изборот на надзор.
Проектот беше официјализиран на 4 април на настан кај наплатната рампа на автопатот Тетово - Гостивар, една од четирите делници што ќе се градат во вкупна вредност од 1,3 милијарди евра. Останатите три делници опфатени со договорот со изведувачот „Бехтел и Енка“ се Гостивар - Букојчани, Требениште - Струга - Ќафасан и Прилеп - Битола.
Извор: faktor.mk