Според податоците што се наведени во Националната транспортна стратегија за периодот 2018 – 2030 година, воведувањето на аеродромскиот воз е предвидено дека би чинело 30 милиони евра. Овие средства би биле потребни да се изгради пругата до самиот аеродром, железничка станица во близина на аеродромската зграда, како и да се набават нови возови за одржување на релацијата со центарот на Скопје.
Сепак, директорот на ЈП за железничка инфраструктура, Хари Локвенец во интервју за Локално.мк објаснува дека со изградбата на пругите кон Бугарија и Албанија, предвидено е патниците од двата македонски аеродрома да добијат железничка врска со Скопје и Охрид. Имено, со изградбата на пругата кон Албанија, планирано е железничко поврзување на охридскиот аеродром со Охрид.
Тој наведува дека е планирано поврзување на скопскиот аеродром со главниот град, но без поконкретни детали и датуми за негова реализација.
„Мета.мк“ во изминатиов период во неколку наврати пишуваше дека воведувањето на оваа железничка линија би им овозможила на граѓаните да патуваат до скопскиот аеродром двојно побрзо и за три до четири пати поевтино во споредба со актуелната автобуска линија меѓу аеродромот и центарот на Скопје. Воедно, аеродромскиот воз би можел да се користи и од локалното население и граѓаните кои работат во Илинден и околните населени места и индустриски зони, а коишто секојдневно патуваат од и кон центарот на Скопје.
Но за да се изгради ќе се чека на одлука од Европската Унија за обезбедување средства за изградба на ветената пруга до скопскиот аеродром и за воспоставување на железничка линија од Транспортниот центар до Меѓународниот аеродром Скопје.
Од Министерството за транспорт и врски за Мета.мк објаснуваат дека Јавното претпријатие за железничка инфраструктура Железници на РСМ ќе треба да аплицира за овој проект, бидејќи истиот е предвидено да се реализира во рамките на Секторската оперативна програма за ИПА на ЕУ за периодот 2024-2028 година.