Домашните компании кои функционираат надвор од индустриските зони не може да инвестираат во зоните само поради бирократска пречка која се толкува различно од институциите и бизнис секторот.
Актуелното законско решение кое е на сила десетина години овозможува во индустриските зони да инвестираат и компании од Македонија, но начинот на кој законот се спроведува или подобро речено толкува и спроведува, реално оневозможува да се реализира инвестицијата.
Надлежните од ТИРЗ сега имаат намери да променат дел од “правилата за игра“.
Големата домашна компанија како што ја најавува власта планира да инвестира во зоните, доаѓа од високотехнолошките индустрии. Оваа инвестиција сега повторно е најавувана од страна на надлежните, а ветувана е уште од крајот на ланската година. Засега во индустриските зони има само една компанија од Македонија. Во периодот што следи од ТИРЗ најавија дека ќе ги соопштат предлог измените на законското решение и очекуваат да бидат усвоени без проблеми во собранието. Инаку, со цел да ја зголеми атрактивноста на останатите индустриски зони во внатрешноста, од ТИРЗ пред извесен период најавија дека тие компании кои ќе инвестираат во зоните надвор од главниот град ќе добијат значително поголеми бенефиции од државата. Од ТИРЗ велат дека работите тргнаа на подобро и во останатите зони, има инвестиции во зоната во Штип, потоа во зоната во Тетово, а во преговори велат дека се и со останати странски инвеститори за останати зони од внатрешноста.
Од Сојузот на стопански комори сметаат дека домашните компании треба да добиваат поголемо внимание од државата. Во зоните работат помалку од 20 илјади лица кај странските инвеститори, а пак во приватните компании водени од домашни бизнисмени се вработени повеќе од 500 илјади лица.
„Навистина е за честитки што се носат странски инвеститори во Македонија, но треба да се увиди што е направено за македонските инвеститори, за македонските компании. Странските инвестиции почнуваат во Македонија од 2000та година па се интензивираат низ годините, посебно од 2007ма и ние речиси 25 години се занимаваме со прашањето на привлекување на странски инвестиции. И што сме направиле до сега? Потрошивме многу време за малку, за 15 илјади вработени и неколку донесени странски компании а за македонските компании што направивме?! Домашните инвеститори сами и повеќе инвестираат, а немаат никакви поволности. Не се ослободени од даноци, никој не добил помош во изградба на објект, инфраструктура и слично. И затоа сметаме дека функционираме во нерамноправни услови“, велат од ССК.
Според надлежните Македонија повеќе не е препознатлива дестинација за инвестирање по евтината работна сила. Како образложение за ова се наведува фактот што просечната плата во зоните е повисока од просечната платата која ја добиваат вработените во приватниот сектор и која достигува речиси 34 илјади денари.