Две девојчиња од село Петралинци, Струмица, денес исчезнале во Скопје. Станува збор за Антонија Јанкова (12) и Радмила Иванова (14), кои заминале во Скопје на школска екскурзија.
Последно биле видени кај Веро Џамбо, забележани се на видео снимки од безбедносните камери, и по нив се трага од околу 16 часот.
Роднина на едно од девојчињата за ,,Фокус” вели дека поголем број на блиски луѓе на семејствата на девојчињата веќе се дојдени во Скопје и ги бараат насекаде, по сите улици.
-Молиме за помош од јавноста, доколку некој ги види, веднаш да ни се јави или да пријави во полиција. Девојчињата се другарки, потекнуваат од исто село, не знаеме што се случило. Уште кога ги снемало, нивни школски другарчиња им ѕвонеле, но телефоните им се исклучени – вели близок роднина.
Случајот е пријавен и во МВР, а потрагата се уште трае.
-Денеска (08.05.2023) околу 16 часот во СВР Скопје е пријавено дека на територија на Центар се изгубиле две малолетнички од струмичко кои биле дојдени на училишна екскурзија во Скопје.Според пријавата на нивната професорка Е.А., последен пат ги видела пред ТЦ Веро Џамбо. Се преземаат мерки за пронаоѓање на малолетничките-ни изјавија од министерството.
Доколку некој има информација за настанот може да се јави на 078 500 080 кај роднина на девојчињата, или пак во полиција.