Помеѓу 10 и 20 денари по парче или по килограм се зголемени цените на производите во малопродажба во последните две години. Податоците на Државниот завод за статитика ги откриваат просечните цени за земјава за дел од производите во малопродажба. За нашите потреби изработивме посебна табела од десетина производи кои се меѓу најкористените во секојдневието. Спордбата покажува дека во период од две години има раст кај сите производи во малопродажба, и притоа поскапувањето е од 10 до 20 денари по килограм производи.
Така на пример компирите во 2021 година се продавале по цена од 25 денари, додека минатиот месец тие достигнале 48 денари во продавниците. Гравот, и покрај замрзнувањето од некогашните 153 денари, периодов се продава по цена од 196 денари. Големо поскапување има и кај бананите кои во 2021 година се продавале за 59 денари просечна цена, додека годинава просечната цена достигнува 85 денари за килограм.
Но, инфлацијата не ги зафати само некои производи, туку напротив сите продукти, па зголемени цените имаат сите производи.
Како што објави Државниот завод за статистика последните индексот на трошоците на животот во април 2023 година, во споредба со претходниот месец е 0,7 проценти, а индексот на цените на мало 1,4 отсто. Сепак, на годишна основа трошоците на животот во април 2023 година, во однос на април 2022 година се зголемиле за 13 отсто, а индексот на цените на мало бележи зголемување од 10,1 проценти.
Во текот на завчерашниот ден министерот за економија Крешник Бектеши посочи дека има тренд на намалување на цените на храната кој според него ќе продолжи и понатаму, затоа што се намалени како што рече тој, трошоците на производителите за репроматеријалите, електричната енергија и за гориво.
- Разликата во трошоците за живот и цени на мало за храна и безалкохолни пијалоци е падната за 5,2 отсто во периодот од март 2023 до април 2023 за еден месец. Ако во април инфлацијата на храната била 21,7 отсто, сега е 16,5 во април. Тоа значи дека мерките го дадоа својот резултат. Тоа не е само поради делот на замрзнување на цени, туку и во делот на контролирање на ланецот на трговијата, почнувајќи од производителите па до потрошувачот, смета Бектеши (линк).
Но, наспроти ова, граѓаните алармираат дека замрзнатите цени не го даваат посакуваниот ефект, дел од нив се жалат дека некои од производите воопшто не можат да се најдат низ маркетите, или дека се продаваат „под рака“ како да се купуваат недозволени супстанци, или пак се продаваат по замрзнати цени, а на пазарите се купуваат и по многу пониски цени.
-Деновиве низ локалните маркети не можам да најдам грав никако. Најпосле најдов на зелениот пазар, но таму по цена од 300 денари. Ем морам да одам до центар, ем екстра скапо. Од друга страна низ локалните продавници се продава зеленчук по замрзнати цени, еве краставиците во Ново Лисиче се по цена од 70 денари, а на пазар се многу поевтини дури 40 денари – укажува пеесет годишна скопјанка.
Извор: faktor.mk