Њујорк донесе закон со кој се забранува дискриминација врз основа на тежината.
Градските советници кои го поддржаа усвојувањето на законот изјавија дека дебелите луѓе имаат потешкотии во рестораните и театрите, а истакнаа и дека луѓето со прекумерна тежина биле дискриминирани при делење велосипеди од градските власти, пренесува Би-Би-Си.
За донесување на законот гласаа 44 советници, а пет беа против.
Од друга страна, лидерот на опозициските републиканци во градското собрание на Њујорк, Џозеф Борели, изјави дека е загрижен оти законот ќе доведе до тоа њујорчани да тужат секого и сè.
„Имам вишок килограми, но не сум жртва. Никој не треба да се чувствува лошо за мене освен за моите копчиња од кошулата“, изјави тој за Њујорк Тајмс.
Во САД повеќе од 40 отсто од возрасните граѓани се дебели, а студиите покажуваат дека дискриминацијата е сеприсутна, пишува Би-Би-Си.