Аеродромите во овие два града во Црна Гора информираа дека утринава околу 9 часот добиле закана преку телефон дека на аеродромите има поставено бомби.
Аеродромите во моментов се затворени, а полициски службеници со кучиња трагачи вршат проверки. Додека траат проверките, авионите кои требаше да слетаат, кружат на небото на Црна Гора.
„Во Подгорица еден авион е вратен на дополнителна контрола. Во моментов полициски екипи прават контроли на аеродромот“, велат од аеродромот во Подгорица.
Од Министерстовто за внатрешни работи на Црна Гора пристигна известување дека на персоналот на аеродромите во Подгорица и во Тиват им се заканувале од број од странство.
„Управата на полицијата согласно сите процедури презема мерки во област на своите надлежности, а јавноста ќе биде благовремено известена“, рекоа од црногорското МВР.
Аеродромските служби им наредиле на сите пилоти кои требало да слетаат на аеродромите да кружат сѐ додека не завршат проверките на полициските службеници.