Владата донесе десет препораки за работа и однесување во училиштата со цел спречување и превенирање на врсничкото насилство.
Министерот Јетон Шаќири на денешната прес-конференција ги претстави владините препораки и побара од засегнатите страни да ги почитуваат со цел во овој исклучително сензитивен период да се реагира внимателно и правилно во насока на подигнување на безбедноста во училиштата и превенирање на меѓуврсничкото насилство.
1. Им се препорачува на сите локални самоуправи во соработка со меѓуопштинските центри за социјални работи да формираат стручни тимови во чиј фокус на работа ќе бидат разговори поединечно со секое дете ученик во сите училиште;
2. Државниот совет за превенција на детско престапништво да достави информација за работа и колку општински совети за превенција се опфатени, а во следниот период да ја засили комуникацијата со МОН во насока на преземени активности за градење клима на доверба и добросостојба во училиштата. Во активностите на општинските совети за превенција да се предвиди вклучување и на Сојузот на средношколците;
3. Им се укажува на сите основни и средни училишта да одржат состаноци со родителите на тема подобрување на процесите, безбедносна организација и состојбата на училиштата и околината. На состаноците потребно е да се отворат теми и дискусии за тоа дали се потребни училишни униформи како кодекси на облекување. Родителите да се запознаат со етичкиот кодекс на наставниците и да се размисли за надополнување на постојниот со правила на облекување на наставниот кадар и стручните служби. Училиштата треба да го известат МОН за присутноста на родителите на состаноците;
4. Во кризни ситуации, кои може негативно да влијаат на однесувањето на учениците, потребно е менаџментот, наставниците и стручните служби да одговараат соодветно, да разговараат и да влијаат на менталната состојба на младите, да понудат поддршка за надминување на предизвиците и да овозможат смирување на несигурноста и задржување на чувството на безбедност во училиштата;
5. Секое училиште треба да направи протокол за начинот на употреба на мобилните телефони на учениците и наставниците за време на часовите. Укинување на мобилните телефони за време на наставата ќе поттикне поголема дискусија и размена на идеи;
6. МОН и Бирото за развој на образованието ќе подготват листа на ресурси за кои ќе се разговара на одделенскиот класен час помеѓу наставниците и учениците, а ќе служи за напредување на добросостојбата на учениците, како, на пример, прирачници за животни вештини, програма за психосоцијална помош и поддршка на унапредување на добросостојбата и менталното здравје на децата и младите во образованието и згрижувачките институции;
7. Им се препорачува на општините и на Град Скопје во новата годишна програма за работа на училиштата да се развијат и дополнително да се зајакнат програми за промоција и заштита на учениците од насилство – запуштање, спречување дискриминација, соработка со родителите;
8. Директорите на училиштата да обезбедат континуирани и непречени услови за стручните служби да функционираат на училишната клима и да се грижат за менталното здравје на учениците;
9. Секое училиште да обезбеди простории за стручни соработници отворени за учениците и доколку имаат потреба, да закажат тет-а-тет средба со својот училиштен психолог;
10. МОН заедно со стручните соработници од основните и средните училишта, претставници од Сојузот на средношколците, универзитетски професори, Бирото за развој на образованието и Државниот просветен инспекторат, ќе формира работна група која ќе треба да креира протоколи за работа и обезбедување поддршка при психосоцијално и ментално здравје на учениците.
Препораките почнуваат да важат веднаш.
Шаќири рече дека ќе ги достави до сите училишта и апелира сите да ги почитуваат за да се спречи и превенира врсничкото насилство, кое видовме до каде може да стигне. Додаде дека препораките не се фиксирани еднаш засекогаш, дека може да се менуваат со нови сугестии и предлози.