Пензионер од Италија е казнет со 822 евра затоа што самиот поправил и ја санирал дупата на асфалтот пред неговата куќа. 72 годишниот Клаудио Трента од Барласина, кај Монца, не само што ќе мора да ја плати казната туку ќе треба да ја врати дупката во првобитната состојба.
Клаудио се пожали на социјални мрежи и објасни дека ги имал известено уште од порано властите, но тие не превземале ништо.
„Уште од претходно ги известив локалните власти дека има проблем на патот, но видов дека никој ништо не презема и одлучив сам да го поправам патот. На 26 април ја санирав штетата, а на 10 мај добив парична казна“, рече Клаудио.
Казнет е затоа што го прекршил Законот за патишта. Во документот е наведено дека е должен да ја врати улицата во првобитната состојба, што практично значи дека треба да отвори дупка. Пензионерот вели дека нема намера да ја плати казната.
Извор: info.mk