Германија во потрага по работна сила има намера да се сконцентрира на земјите надвор од Европа како што се Бразил, Мексико и Индонезија, кажа министерот за труд Хубертус Хајл за дневникот Ное оснабрукер цајтунг.
„Ние со претставниците на стопанството работиме на стратегија во земјите во кои на пазарот на трудот се наоѓаат многу повеќе млади и добро квалификувани работници отколку што можат да апсорбираат домашните пазари на трудот“, рече министерот за труд Хубертус Хајл (Социјалдемократска партија на Германија, СПД).
Хајл рече дека притоа ќе се обраќа внимание на домашните пазари на трудот да не им се одземаат потребните специјалисти. „Ние профитираме, но профитираат и земјите на потекло. Ние ќе вложуваме во стручното оспособување на младите на самото место, а луѓето што ќе дојдат во Германија ќе профитираат од добро платеното работно место, кое ќе им отвори можност да ги финансираат семејствата дома“, рече Хајл.
Со министерката за надворешни работи Аналена Бербок во јуни Хајл би требало да отпатува во Бразил за да ја разгледаат можноста за доаѓање на поголем број негувателки и негуватели што му се многу потребни на германскиот пазар на трудот. Слични договори би требало да склучат и со Мексико и Индонезија, a Хајл во февруари веќе престојуваше во Гана со истата цел.
Како што известува јавниот сервис АРД, германската влада разговорите за привлекување работна сила ги води и со Колумбија, Тунис, Мароко, Египет, Индија, Филипини и со Виетнам.
Освен квалификуваната работна сила од областа на негата, од споменатите земји би требало да стигнат и други работници што му се потребни на германскиот пазар на трудот. Како што соопшти Институтот за германското стопанство (ИВ), на крајот на 2002 година во агенциите за вработување во Германија биле пријавени повеќе од 630.000 работни места, кои не можеле да се пополнат поради недостиг од одредена работна сила.
На сто отворени работни места во секторот за странска нега доаѓаат само 33 адекватно квалификувани работници.
Претседателот на Здружението за заштита на пациентите Еуген Бриш истовремено го критикуваше масовниот увоз на негувателки и негуватели и укажа на тоа дека и сега во Германија постои потенцијал за полесно пополнување на отворените работни места во секторот на нега, но дека е потребно да се подобрат условите за работа за да се искористи овој потенцијал и работните места да станат поатрактивни.
„Неколку стотици негувателки од Бразил нема да ги решат овие проблеми. Потребно е подобрување на условите во овој сектор“, рече Бриш. Тој предупреди дека многу досегашни негуватели и негувателки се преквалификувале за помалку стресни и подобро платени занимања.
Се проценува дека приватниот сектор на странска нега веќе сега би колабирал без многуте работници од Источна Европа што се вработени во домаќинствата. Просечната годишна бруто-плата во секторот на нега изнесува околу 40.000 евра.