Во време на криза и висока инфлација, има начин граѓаните да заштедат пари.
Ако пребарате на интернет, ќе пронајдете совети кои укажуваат дека треба да се планираат парите кои се неопходни за храна и сметки на месечно или неделно ниво, дека со откажување на пороците како што се цигарите се заштедува солидна сума, дека со намалување на излегувањето по угостителски објекти исто можат да ви останат пари во домашниот буџет. Ако граѓаните се фокусираат да ги купуваат најнеопходните работи и да се лишат од она што е луксуз, исто ќе имаат одредена сума на пари која ќе им остане во семејниот буџет.
„Управувањето со личните финансии опфаќа повеќе различни концепти, како на пример планирање на личните приходи и расходи, планови за штедење, инвестиции, осигурување, и слично. Во услови на економска криза, односно при висока инфлација и растечки цени, како што е тоа периодов, граѓаните потребно е добро да ги планираат своите лични финансии со цел да ја зајакнат финансиската отпорноста кон таквите притисоци и да обезбедат поголема финансиска стабилност за себе и своите семејства. Еден аспект во овој контекст е да се направи реална проекција на очекуваните лични приходи и врз основа на тоа да се димензионираат расходите. Во делот на расходите, секако, потребно е да се внимава на одредени непродуктивни и непотребни расходи, како на пример претплата за одредени сервиси кои не ни се неопходни, но и да се внимава секогаш кога тоа е можно да се прават заштеди во делот на личната потрошувачка. Особено битен аспект е исто така и финансиската дисциплина, односно поставување на реално остварливи финансиски цели, подготовка на план за нивно остварување, како и придржување до поставениот план. Дополнително, би ја истакнал и финансиската едукација, пред сè кај младите лица, која е неопходна за носење исправни финансиски одлуки и спречување на можни финансиски ризици кои често имаат далекусежни последици по финансиската благосостојба на поединецот“, вели м-р Мартин Новески, претседател на Здружението на економисти, статистичари и економетричари СИГМА СТАТ.
На интернет има и совети кои упатуваат на тоа дека граѓаните треба 20 отсто од своите приходи да ги заштедат ако се во можност, да одат на шопинг со однапред подготвен список, да подготвуваат оброци дома наместо да се хранат во угостителски објекти, да избегнуваат да користат такси превоз затоа што тоа е поскапа опција за транспорт до одредено место, да имаат краткорочни и долгорочни планови за штедење.
Извор: faktor.mk