Скопјани пред неколку дена на располагање добија 500 електрични тротинети паркирани на повеќе локации низ Скопје, но неколку од нив веќе биле оштетени од несовесни граѓани.
Големи дебати и недоумици во јавноста, особено поради недоволниот број информации деновиве се шират меѓу граѓаните на Скопје, а откако станаа забележливи новите сини тротинети кои можат да се забележат оставени на тротоарите, на зелени површини, покрај огради итн. На социјалните мрежи наголемо се дискутира дека во земјава нема доволно развиена свест за проекти од ваков вид, дотолку повеќе што веќе се споделуваат фотографии од оштетени, па дури и фрлени и украдени електрични тротинети.
Од петокот почнаа да се возат, а во рекорден рок се уништени. Викендов ги имаше насекаде оставени по тротоари и раскрсници, а денес корисниците на социјалните мрежи споделуваат веќе дефекти.
На повеќе локации низ градот може да се забележат тротинети оставени токму пред пешачките премини, каде што им пречат на минувачите.
За да се користи електричен тротинет граѓаните треба да симнат апликацијата, за која бар код има на пунктовите и на неа има повеќе начини на плаќање. Има и промотивни пакети со кои изнајмувањето е поевтино.
Висар Дурак, менаџер на Бин Бин во Македонија, во разговор за Мета.мк вели дека навистина се случиле кражби и оштетување на електричните тротинети, но дека се надева оти ќе се развие свеста и одговорноста кај граѓаните.
„Пријавена е кражбата на тротинет што се случи вчера, направен е записник во полиција и ќе бидат преземени мерки. Дополнително како докази ги имаме и фотографиите направени од граѓаните додека се случувала кражбата. Денеска имаме уште една кражба, сега и таа ќе биде пријавена. Точно е дека за жал има одредени намерни или ненамерни оштетувања на електричните тротинети. Мора да сфатиме дека треба да се однесуваме одговорно, бидејќи ова е за доброто на сите. Бин Бин претставува алтернативна метода за да се стигне до одредено место и се користи во многу држави во светот“, објаснува Дурак.
Изнајмувањето на електрични тротинети не е проект на Град Скопје туку на приватна фирма. Градот нема никакви приходи од рентањето на тротинетите, единствено ЈП „Градски паркинг“ ѝ наплаќа на фирмата „Бин Бин“ за користење на простор на паркинзите каде се поставени пунктовите на тротинетите.