Вкусните цреши доцнат, но веќе се појавуваат на пазарите. За добра и слатка цреша силно влијание имаат временските услови, велат производителите. Меѓутоа, годинава истите не се во полза на производството, па тоа не на задоволително ниво, а поради тоа наместо во пролет, во полн ек ќе бидат на почетокот на летото.
„Како се одгледуваат… Сѐ зависи од годината, оваа година малку е подоцна наспрема нивниот период, беше многу ладно, ама има принос. Уште има некоја цреша што не е стасана, ама порани дрва се стасани.“
„За добра цреша треба и добра работа. Најмногу зависи и од поднебјето, на каква подлога е црешата. Ѝ одговара појака земја и наводнување. Временските услови не се баш оваа година наклонети, ама пак е добро.“
На почетокот на производството и цената е нешто повисока. На штипскиот пазар можеа да се најдат помеѓу 120 и 150 денари, а производителите велат дека не се знае дали истата ќе претрпи измени, бидејќи цената ја формира пазарот. Купувачите веќе почнале да ги купуваат, но во помала количина поради повисоката цена.
„120 денари ја продаваме, ама, можеби, ќе падне цената. Беше 150, сега е 120. Ја купуваат, ама секој зема по пола кило.“
„Цената е 150 денари. Пазарот ќе ја каже цената, не се знае никогаш, наспрема понудата и побарувачката.“
И купувачите потврдуваат дека цената е висока, па купуваат колку за проба. Не се надеваат на намалување на цените оти велат дека ако еден петок е 100 денари, другиот ќе се покачи на 120.
Инаку, црешата како овошка е многу полезна. Освен свежи, здрави се и како додаток во колачи и слатки десерти. Го подигнуваат нивото на енергија, добри се за видот и кожата, го подобруваат варењето, ги подобруваат функциите на мозокот, добри се за срцето и го спречуваат ракот.