Над 56,000 македонски работници работеле во Сојузна Република Германија заклучно со септември 2022 година, покажуваат податоците кои редакцијата на порталот Работник ги доби од тамошната Федерална Агенција за вработување.
Имено, од секторот за односи со јавноста ни испратија податоци за вкупната бројка на Македонци кои работат во Германија, а кои датираат од 2015 година. Редакцијата како репер ги зеде последните пет години (2017 до 2021), притоа ги вклучивме и најновите податоци од септември 2022 година, и изработивме една кратка анализа за тоа колку наши работници заминале на печалба во оваа западна земја.
Податоците ги опфаќаат сите работници кои подлежат на придонеси од социјално осигурување.
Од јануари до декември месец 2017 година, Федералната Агенција регистрирала 6,013 вработувања на македонски работници во Германија, со што вкупната бројка на наши граѓани кои во тој период работеле таму изнесувала 33,126 лица.
Во истиот период 2018 година, Агенцијата во статистиката забележала помал број на наши работници, кој изнесувал 5,884, но вкупниот број пораснал на 39,010 лица.
До крајот на 2019, во Германија се вработиле 5,906 Македонци, а вкупната бројка се зголемила на 44,916.
Во 2020 година, приливот на македонски работници е прилично намален, односно од почетокот на годината до декември изнесувал 1,439 и е најмал во петгодишниот период кој е предмет на нашата анализа. Сепак, вкупниот број е зголемен на 46,355 лица. Со оглед на тоа дека 2020 беше година на коронавирусот кој доведе до затворање на државите ширум светот, логично е да има и намалување на бројот на луѓе кои заминале да работат во Германија во тој период.
Во 2021 оваа бројка повторно започнува да се зголемува, а тоа го покажува податокот дека до декември, 3,623 македонски работници биле во работен однос со германските работодавачи, а вкупната бројка се зголемила на 49,978 лица.
Последните податоци на Федералната Агенција, како и што споменавме погоре, се заклучно септември 2022 година и покажуваат дека бројката на македонски работници кои од почетокот на годината биле вработени во Германија изнесувал 7,667, а вкупната бројка се зголемила на 56,060 лица.
Инаку, само од 2017 до септември 2022 година во Германија работеле 30,532 македонски работници.
Најголем број работат во услужниот сектор
„39,683 од 56,060 македонски работници кои работат во Германија, се вработени во услужниот сектор. Тоа е најголемата група“, ни изјави Софиа Коенен од секторот за односи со јавноста на Федералната Агенција за вработување.
Податоците од Федералната Агенција покажуваат колку работници од Македонија работат во следните сектори:
- Производствена индустрија: 16,240
- Градежна индустрија: 8,768
- Угостителство: 8,421
- Други економски услуги (без привремена работа): 7,558 и
- Преработувачка индустрија: 7,046
Инаку, во Германија има 2,591,926 работници чии земји на потекло не се членки на Европската унија. Од нив 1,965,810 работат во услужниот сектор и ја сочинуваат најголемата бројка на вработени во истиот.
Од Агенцијата уште еднаш напоменаа дека во овие бројки се вклучени само вработените кои подлежат на придонеси од социјално осигурување.
Според податоците на Евростат, на 1 јануари 2019 во Германија биле вкупно регистрирани 102,052 македонски државјани.
За потсетување, минималната саатнина во Германија изнесува 12 евра, а месечната минимална плата изнесува 1,920 евра. Висококвалификуваните работници можат да заработат и над 3,500 евра месечна плата.