Инфлацијата се мери според меѓународен стандард, како цена на личната потрошувачка по намена, а Државниот завод за статистика го мери и движењето на малопродажните цени. Според овие податоци, малопродажните цени во мај во однос на истиот месец минатата година се зголемени за 7,5%, додека во мај во однос на април се намалени за 0,9%. За една година храната поскапела за 12,7%.
Месец мај беше доста скап за нашите граѓани. Најмногу пари во последниот месец, односно 19.532 денари биле потребни за храна и пијалоци, а 13.392 за покривање на режиските трошоци за домување. На четиричлено семејство во мај му биле потребни 49.025 денари за да ги покрие минималните трошоци во месецот. Од Сојузот на синдикати на Македонија велат дека најмногу пари од семејниот буџет или 44,3 отсто, се трошат за храна и пијалоци.
„Вкупната синдикална потрошувачка кошница изнесува 44.047 денари, а кога ќе се додадат 4.977 денари или 11,3% за трошоците за живот, односно инфлацијата, таа изнесува 49.024 денари. Просечната исплатена нето-плата по вработен во март годинава изнесува 34.925 денари“, велат од Сојуз на синдикати на Македонија.
Од останатите трошоци кои се дел од синдикалната кошница, 3.720 денари се потребни за превоз, 3.196 денари за хигиена, 2.315 денари за облека, 1.067 денари за култура, додека 821 денар за здравствена заштита. Во споредба со април, потрошувачката кошница во мај беше за околу 5 евра помала. Но, граѓаните велат дека трошоците се неподносливи поради ниските примања што и понатаму ги добиваат.
„Месечно намалување на трошоците имаше кај маслото за 2,4%, млекото за 1,6% и лебот за 0,7%. Зголемување на индексите на трошоците на животот во мај 2023 година, во споредба со претходниот месец е забележано кај зеленчукот 8,5%, овошјето за 13%, рибата и морските плодови за 1,6%, алкохолните пијалаци за 0,8%, сирењето и урдата за 0,5%, месото за 0,4%, кафето, чајот и безалкохолните пијалаци за 0,2%“, наведуваат од ДЗС.