ТАВ Македонија почнува преговори со „Катар ервејс“ и со „Флај Дубаи“ за нивното потенцијално враќање во Скопје откако тие ги прекинаа операциите на почетокот на пандемијата на корона вирусот, објави Exyuaviation.
Генералниот директор на ТАВ Македонија, Неџат Курт, неодамна изјави дека „би сакале повторно да воспоставиме дестинации како што се Доха и Дубаи, кои беа прекинати од „Катар Ервејс“ и „Флај Дубаи“ за време на кризата со ковид-19.
– Работиме кон постигнување на оваа цел и одржавме состаноци и преговори со авиокомпаниите, поддржани од амбасадите во овие земји, но одлуката на крајот ја носат самите авиокомпании. Скопје загуби нон-стоп летови до Заливот по повлекувањето на двата превозници од пазарот – истакна Курт.
„Флај Дубаи“ започна со летови до Скопје во октомври 2012 година и ја одржуваше линијата до март 2020 година. Во последните три години од работењето, бројот на патници во просек изнесуваше околу 27.000 годишно. Од пандемијата, во регионот, „Флај Дубаи“ воведе операции во Љубљана и ги удвои своите фреквенции до Белград, истовремено обновувајќи ги летовите до Загреб, како и сезонските услуги за Дубровник и Тиват.
Од друга страна, „Катар Ервејс“ изјави дека услугите во Скопје ќе продолжат кога ќе бидат комерцијално одржливи. Македонскиот министер за транспорт и врски, Благој Бочварски, претходно разговараше со катарскиот амбасадор во земјава, при што ја истакна потребата „Катар ервејс“ да ги обнови услугите меѓу Доха и Скопје.
– За нас е особено важно да ги обновиме летовите меѓу Скопје и Доха, за да ги одржиме деловните односи меѓу двете земји – рече Бочварски.
Во 2019 година, поголемиот дел од патниците на Катар ервејс во Скопје беа трансфери. Тие првенствено потекнуваат или биле наменети за австралискиот пазар – 33%, потоа Индија 7%, Тајланд 5% и Сингапур 4%.
Во својата последна цела година на работење, во 2019 година, „Катар ервејс“ опслужи 29.856 патници на летовите до и од Скопје, што е речиси исто како и претходната година, кога пречека 29.874 патници на релација.
„Катар ервејс“ неодамна соопшти дека темпото со кое ќе се воведат нови линии во наредните години ќе зависи од испораките на авиони кои се повеќе се одложуваат од производителите.