Регулаторната комисија за енергетика треба да одлучи во кој период од денот граѓаните ќе можат да користат поевтина струја.
Евтината дневна тарифа на струјата сепак се враќа од 1 декември, велат извори во Регулаторната комисија за енергетика за ДВ. Иако првично беше најавено дека ќе биде потребна една година за рачно да се подесат броилата, поради воведувањето на блок тарифите, сепак е постигнат договор процесот да се забрза и граѓаните во екот на зимата веќе да го почувствуваат бенефитот од користењето на поевтина струја. Останува регулаторот да одлучи во кој период од денот граѓаните ќе можат да користат поевтина струја.
Првично дневната евтина тарифа требаше да се врати од 1 јули, но надлежните најавија дека ќе се одложи ваквата мерка. Најавите на првиот човек на РКЕ, Марко Бислимоски беа дека граѓаните би можеле да користат евтина струја и во текот на денот, во периодот од 14 до 16 часот.
Евтината дневна тарифа беше укината на 1 јануари 2022 година, кога имаше и поголемо зголемување на цената на електричната енергија за 9,48 отсто. Доколку останеше евтината дневна тарифа, ќе требаше да се зголеми цената на струјата за дополнителни 5 отсто, односно зголемувањето ќе изнесуваше 14,23 отсто. Изминатата година граѓаните можеа да користат поевтина струја само во текот на ноќта - од 22 до 7 часот секој ден и во недела цел ден.
РКЕ денеска треба да информира за новата цена на струјата која што ќе важи од 1 јули.