Се повеќе компании во Германија го воведуваат моделот 4-дневна работна недела. Дебатата на оваа тема добива се’ поголема популарност. Синдикатите се „за“ овој модел, но многу работодавци остануваат „против“.
Последниве години темата за рамнотежа помеѓу работата и животот стана особено важна, а со тоа се’ погласни повиците за 4-дневна работна недела. Некои од компаниите веќе имаат 1 година искуство и ги пријавуваат придобивките, пишува Нова.бг.
„Дознав дека моделот на 4-дневна работна недела веќе е делумно тестиран во други земји, на пример, успешно во Исланд. Така, на крајот на 2021 година за време на божиќните празници, помислив дали овој модел можеби е опција и за нас. А одлуката ја донесов спонтано“, прокоментира Надја Амирех, сопственичка на ПР агенцијата Wake up Communications.
Поминаа 14 месеци откако ја воведе 4-дневната работна недела за своите вработени.
„За нас сите работат од понеделник до четврток по 8 часа, како и досега. Претходно петокот ни беше полуработен ден. Така работевме низ годините, бидејќи нашето искуство покажа дека во петок попладне на нашите клиенти обично не им требаме многу. И сега сите работат четири дена, половината целосно одмораат во петок, а останатите работат половина ден, како порано. Следната недела се менуваат тимовите“, објасни Амирех.
И покрај новиот модел, вработените на Надја продолжуваат да ја земаат целата плата, а деновите за одмор не им се променети. Билансот е: „Искуството покажува позитивен тренд. Целиот процес со 4-дневната недела беше следен од психолог“, рече Амирех. Според неа, овој модел не може да се воведе во сите сфери.
Извор: 24info.mk