Од МОН посочуваат дека учениците кои се упатени на поправни испити, испит на година или испити за побрзо напредување, може да се запишат во училиштата во кои има слободни места, а пријавувањето ќе се врши на 21 август до полноќ
Точно 15 481 ученик се запишаа во средно образование годинава во двата уписни рока, покажуваат сумираните податоци што денеска ги објави Министерството за образование и наука (МОН) откако беа објавени конечните ранг лист и од вториот уписен рок.
Од вкупниот број запишани ученици, мнозинството или 11 325 се запишале да следат настава на македонски јазик, а 3 852 на албански јазик. Има и 298 ученици за настава на турски, а само шест на српски јазик.
Кога станува збор за соодносот на гимназиско и стручно образование, пак, податоците покажуваат дека повеќе од две третини од новите средношколци се решиле за стручно.
Точниот број на ученици кои се запишале во гимназиско образование изнесува 4 603, а на оние во стручно е 10 277.
414 ученици, пак, се запишани во спортска гимназија, а 187 во уметничко образование.
Првото електронско пријавување на учениците беше на 20 и 21 јуни, а второто на 27 и 29 јуни. По објавувањето на прелиминарните резултати од уписите и доставувањето на документацијата, конечните ранг лист беа објавени на 24 јуни и 1 јули.
Од МОН посочуваат дека учениците кои се упатени на поправни испити, испит на година или испити за побрзо напредување, може да се запишат во училиштата во кои има слободни места, а пријавувањето ќе се врши на 21 август до полноќ.
Листата на училишта и паралелки во кои се завршени уписите поради пополнети места може да се погледне ТУКА.