– Над 17 села во североисточниот дел на Крф, седум во јужниот дел на грчкиот остров Евија и две во северниот дел на Пелопонез, превентивно беа евакуирани во текот на ноќта поради големите пожари активни од вчера.
Паралелно, веќе седми ден, сѐ уште активен е и пожарот на островот Родос, меѓутоа засега, не се во опасност населени места.
Во текот на ноќта четирите големи пожари во Грција, на четири различни локации, се гаснеа од копно, а со првите зраци на сонцето, започна и гаснењето со воздушните средства.
На Крф, ситуацијата со пожарот во североисточниот дел на островот, утрово е значително подобрена, а во евакуацијата во текот на ноќта помагаше и Крајбрежната служба на Грција за локалното население и туристите по морски пат да бидат пренесени на безбедна локација.
Во јужниот дел на островот Евија, пораки за превентивна евакуација беа испратени и рано утрово, а во северниот дел на Пелопонез, иако во текот на ноќта превентивно беше евакуирано локалното население од две села, сепак утрово се чини дека огнените јазици се далеку од населените места.