Инфлацијата и наглото поскапување на електричната енергија и на храната ги натера граѓаните полека да се одвикнуваат од семејните ручеци во рестораните и да се навикнуваат на фамилијарни скромни прослави во своите домови.
Но, оние кои немаат услови за ручек и прослава во домашна атмосфера, сепак, мораат да резервираат маса во ресторан, иако се свесни дека само за неколку часа ќе им „летнат“ неколку илјадарки додека да трепнат.
Денар направи мало истражување, па дојдовме до резултат дека еден скромен фамилијарен ручек за 8 лица во еден скромен ресторан во скопската населба Карпош 3 чини околу 6.500 денари.
Во таа цена е вклучено и пиењето, како и предјадењето.
-Една чашка ракија чини 80 денари, па за вкупно 10 испиени ракии во текот на вечерта плативме 800 денари. Пивото чини 140 денари, а ние испивме вкупно 8 пива и плативме околу 1.200 денари само за пивата. Нарачавме и 4 големи минерални води кои чинеа вкупно 450 денари. За 4 шопски салати плативме 650 денари, за два помфрита со сирење плативме 320 денари, а двете даски со похованици чинеа 1.400 денари. Нарачавме и даска со мешана скара која чинеше 1.500 денари. Вкупно плативме околу 6.500 денари, а добивме и гратис кафе од ресторанот – раскажува Милан Стефановски од Скопје.
Тој вели дека поскапувањето на угостителските услуги секако се чувствува, но дека сепак се издржува.
-Семејна традиција ни е да го прославуваме датумот 20 јули во ресторан, бидејќи тоа е многу важен датум за нас. Секоја година одиме во ресторан и можам да кажам дека поскапувањето го почувствувавме, но не беше некоја огромна разлика во споредба со лани. Можеби оваа година плативме 1.000 денари повеќе – раскажува Стефановски.
Според Државниот завод за статистика, индексот на цените на угостителските услуги во јуни 2023 година, во однос на истиот месец од претходната година, е зголемен за 12,2 отсто.
Индексот на цените на угостителските услуги во јуни 2023 година во споредба со мај 2023 е зголемен за 0,3 проценти. Споредено по групи на услуги, зголемување е забележано во групите храна за 0,2, алкохолни пијалаци за 1 и безалкохолни пијалаци за 0,5 отсто.