Пчеларите ги зголемуваат цените на медот, па за да купите една тегла природен мед отсега ќе треба да издвоите од 1.000 до 1.200 денари, а цената варира зависно од кој регион на Македонија купувате и колку е тој мед навистина природен и квалитетен.
Пчеларите објаснуваат дека зголемувањето на цената на медот се должи на лошите временски услови, односно на лошата пролет која не донесе ништо друго освен обилни дождови.
-Оваа сезона е многу слаба, бидејќи пролетта ни донесе само дождови. Токму тогаш кога цветаат растенијата и кога пчелите треба најмногу да работат и да собираaт полен, кај нас врнеа дождови, па пчелите практично беа спречени да работат. Кошниците се полупразни, ќе бидеме среќни ако годинава јас и моето потесно семејство каснеме мед. Не верувам дека ќе остане нешто за продавање, а и да остане ќе го продаваме двојно поскапо од лани. Немаме друго решение. Ланскиот мед го продававме 600 денари, а оваа година не го давам под 1.000 денари ливадскиот и 1.200 денари шумскиот – објаснува Петар Дојчиноски од Прилеп, кој додава и дека поскапувањето се должи и на растот на трошоците во пчеларството.
Тој објаснува дека пчеларството воопшто не е лесна работа со којашто може секој да се занимава.
-Точно е дека се намалува бројот на пчелари во земјава и тој податок искрено ме плаши. Едноставно, луѓето не можат да се носат со скапотијата, со инфлацијата, бидејќи пчеларството си бара влог исто како и сите други бизниси. Јас, на пример, два пати годишно ги селам моите пчели. Еднаш ги носам во едно планинско село на планината Даутица, и тогаш ги оставам пчелите да собираат полен за да произведат планински мед. По неколку месеци ги носам во едно велешко село, каде што собираат полен од ливадите за ливадски мед. И сето тоа е трошок, а горивото е скапо. Плус, скапи се додатоците за прихрана на пчелите, а да не зборуваме за лекови и за болести – раскажува Дојчиноски.
Едно пчелно семејство, додава тој, годишно во просек произведува од 10 до 20 килограми мед, зависно од температурата и климата.