Германија е една од ретките западни земји, која сè уште инсистира на принципот дека странците кои сакаат германско државјанство мора да се откажат од старото. Владејачката коалиција сака да го укине ова со нов предлог-закон, пишува Дојче веле.
Кога станува збор за доделување државјанство на странци, Германија е меѓу последните во Европа. Додека во 2021 година, на пример, во Шведска се доделувале 10 државјанства на 100 странци, а во Холандија 5,4, во Германија квотата била 1,2 отсто, а причината за тоа е пред се во некои многу рестриктивни услови кои треба да се исполнат за да се добие државјанство.
Неодамна владејачката коалиција на социјалдемократите, зелените и либералите во федералниот парламент, Бундестагот, презентираше предлог за нов Закон за државјанство, со кој ќе се сменат сегашните строги услови. Во нацрт-законот се предвидува откажувањето од претходното државјанство повеќе да не е услов за стекнување германско, а во исто време времето потребно за континуиран легален престој во земјата да се скрати од осум на пет години – како што е веќе случај. во повеќето европски земји.
Според сегашниот закон двојно државјанство е првенствено резервирано за граѓаните на Европската унија – тие можат да имаат две државјанства без никаков проблем. По долга процедура, се доделува и на оние кои доаѓаат од земји кои не ги ослободуваат своите граѓани од државјанство – или затоа што не сакаат или затоа што таму воопшто не е законски предвидено. Такви земји се, на пример, Сирија, Јужна Африка, Авганистан, Алжир или Иран.
Целта на реформата на Законот за државјанство е, меѓу другото е Германија да стане поатрактивна имиграциска земја за квалификувани работници. Од тој аспект земјата се најде во остра конкуренција со другите европски земји, како Франција, Холандија или Шведска, кои имаат поблаги критериуми и помалку пречки за доаѓање на квалификувана работна сила од странство.