Железничкиот сообраќај од 13 часот е во прекин поради бојкотот на машинскиот персонал на МЖ – Транспорт. Претседателот на Синдикатот на машиновозачи, Тони Димовски, вели дека бојкотот е поради неисплатен втор дел од платата за јуни, но и за покачување на коефициентите.
– Бојкотот е и за почнување преговори или одговор за измена и дополнување на систематизацијата, зашто имаме сознанија дека се поделени 230 решенија со покачување на коефициенти на одредени работни места – истакна Димовски.
Според него, на 2 ноември 2021 година е донесена Одлука согласно која, ако до 25-ти во месецот не биде исплатена во целост платата за претходниот месец, на 26-ти машинскиот и извршниот персонал почнува со бојкот и блокада на железничкиот сообраќај.
– Минатата недела имавме средба со генералниот директор на која ни беше кажано денеска во 10 часот да бидеме во канцераијата кај него. Но, директорот денеска не беше дојден на работното место зашто бил на некаков состанок, дали во Влада или на друго место. Не прими неговиот советник кој не замоли да се стрпиме за плата до 4 август, петок. Ние неколку пати даваме шанса, еве и овој пат помина 26-ти. Им дадовме простор до крајот на месецот, но и до тогаш тие не можат во целост да ја исплатат платата за претходниот месец. Дополнително, и за првиот дел од платата, одбитоците за кредити кои некои колеги ги имаат земено, не се исплатени – потенцира Димовски.
Железничкиот сообраќај ќе биде прекинат до исплаќање на вториот дел од платата и додека не се удоволат барањата на машинскиот и извршниот персонал доставени на 3 јули 2023 година.
– Барањата се за покачување на коефициентите и за наредбата од генералниот директор која требаше да важи од 1 јуни. Во периодот со енормно високи температури, наместо да бидеме наградени, ние сме казнети со 10 отсто на квалитет, а ниту еден друг во фирмата не е казнет, дури некои се и наградени. Сите од администрација и од работилница од одржување работат до 13 часот, а некои и воопшто не доаѓаат на своите работни места – нагласи Димовски.