Ако имате скап и луксузен автомобил, а притоа сте заминати на одмор на некоја од атрактивните грчки дестинации, тогаш треба да знаете дека сте потенцијална жртва на бугарската автомобилска мафија која летово „оперира“ низ Грција.
Туристи од Македонија и од Србија се жалат дека возилата „магично“ им исчезнале иако биле уредно паркирани на обележани паркинг-места, а има и такви кои се поштедени од целосна кражба на возилото, но затоа, пак, украдени им биле вредни предмети од автомобилот.
Српскиот весник Блиц неофицијално објави дека наводно се работи за автомобилска мафија од Бугарија, која во летните месеци дејствува во Грција, но засега нема официјална потврда на ваквото тврдење.
Во меѓувреме, сѐ повеќе и повеќе расте бројот на апели на социјалните мрежи со фотографии од украдените автомобили со надеж дека некој ќе ги препознае и дека ќе им помогне на сопствениците да си ги вратат назад.
На Фејсбук групата „Грција Инфо“ една жена од Србија раскажа дека возилото им било украдено среде бел ден во центарот на Солун.
„Уредно го паркиравме автомобилот пред трговскиот центар во Солун и заминавме на шопинг, а кога се вративме – автомобилот го немаше. Најпрво помисливме дека го земала пајак-службата поради непрописно паркирање, но подоцна сфативме дека возилото е украдено. Замислете, среде бел ден, пред трговски центар во Солун. Веднаш пријавивме во полиција, но сѐ уште немаме никакви информации. Сета среќа што со нас ги зедовме пасошите и паричниците, па со комбе си заминавме за Србија“, напиша жената.
Туристи од Македонија во Грција, пак, најчесто сведочат за оштетени и ограбени возила.
-Го оставивме автомобилот пред изнајмената вила во Пефкохори, а веќе следниот ден беше скршен едниот прозорец и украдени ни беа пари и други вредни работи. Дел од буџетот предвиден за одмор го сокривме во автомобилот сметајќи дека така е побезбедно, но крадците успеале да ги пронајдат парите. Грчката полиција направи увид, но не верувам дека ќе бидат пронајдени сторителите – вели Маријан Станковски од скопската населба Влае.