За неплатен долг кон БЕГ од 3.500 денари сега треба да плати повеќе од 15.000 денари, сведочат граѓани, пренесува Слободен печат.
ЕСМ-снабдување ја презеде наплатата на сметките за потрошена топлинска енергија, но БЕГ-снабдување како правен субјект сè уште постои и си има свои побарувања – старите неплатени сметки кон граѓаните и кон правните лица до датумот до кога ја имаше лиценцата за вршење на оваа дејност.
-Не добив никаква опомена, ниту од БЕГ, ниту од нотарот кај кој бил даден предметот. Кога отидов да се пожалам кај нотар дека не сум бил известен за долгот, оттаму ми кажаа дека тие уредно постапиле со известувањето доставувајќи го преку пошта. Но, јас никаква пошта не сум примил – изјави граѓанин за Слободен печат.
На официјалната страница на Бег-снабдување, полето за контакт не функционира, односно не дава никаква информација каде може да се обратат должниците.
На сегашните сметки на ЕСМ снабдување пак, е наведено: „Ве известуваме дека доколку имате тужени фактури, тие не се прикажани во прегледот и потребно е да се јавите на тел. +389 (0)2 30 76 200 во Центарот за грижа на потрошувачи за дополнителни информации“.
Нотарите објаснуваат дека фактурите застаруваат за една година, но нотарот не е должен по службена должност да внимава на застареноста.
– Нотарите не вршат присилна наплата, туку тоа го прават извршителите на барање на доверителите. Нашето решение со извршна клаузула е вратено на доверителот БЕГ, кој се обраќа до извршителите – вели нотарот Методија Ристоски.