Многу млади луѓе во земјава се со став дека попрво нема да работат отколку да работат за мала плата.
Според анкетата спроведена од страна на порталот Фактор - неколку граѓани, при што младите велат дека не сакаат да работат за мала плата, а повозрасните рекоа дека мала плата е подобро отколку да се биде со статус невработен и на товар на некој друг член од семејството.
„Јас сум невработена и не би работела за мала плата. Има луѓе кои не прифаќаат, но оние кои немаат избор, ќе работат и за мала плата“, вели Мартина Георгиевска, граѓанка.
Сите се согласуваат дека малите плати ги демотивираат работниците.
„Сите знаеме дека од мала плата, тој работник треба да одвои за пат, за јадење и не се исплати. Двете опции се лоши, и да се работи за мала плата и да не се работи воопшто. Добро, тој што работи за мала плата, барем своите трошоци ќе ги покрие. Јас пред 20 години работев за 2.000 денари, толку изнесуваше платата, и се сеќавам дека имав пари само за храна“, вели Горица Мишевска, граѓанка.
Следната наша соговорничка објаснува дека секогаш е подобро да се работи, отколку да се биде неактивен.
„Треба да си бидат вработени, да им тече работен стаж. Мора од некаде да се стартува. Колку повеќе работиш, толку повеќе знаеш, ќе напредуваш во кариерата. Едноставно кога работиш се развиваш интелектуално“, рече Владанка Серафимова, граѓанка.
Но, некои од анкетираните се замислија на нашето прашање која опција е поприфатлива, да се работи за мала плата или да се биде невработен.
„Ништо од тоа не е добро и затоа нема млади веќе во државата“, вели друга граѓанка.
Многу анкети кои претходно се правени во Македонија покажуваат дека младите сакаат да се иселат или да работат во јавен сектор, но не сакаат да работат за мала плата.
„Како ментор за работна интеграција јас сум за тоа младите да се вклучат во работен процес, доколку тоа е законски исплатено како што уредуваат позитивните прописи во државата, независно дали тоа ќе биде хонорарно, на скратено или со полно работно време. Преку ваквиот работен агнажман младите се стекнуваат со работни навики и одговорности, работни вештини, остваруваат контакти и имаат можности да се усовршуваат. Во секој момент како што напредуваат, но и доколку не се задоволни од тоа што го добиваат можат да се откажат или да најдат друга подобра работа. Поседувањето само диплома за завршено високо образование не е клучниот фактор за добивање поголема плата. Извршувањето практична или волонтерска работа, поседувањето меки вештини, дополнителните обуки и семинари кои што младите ги посетувале имаат дополнителна тежина во оформувањето на платата, но и во нивната работна биографија“, вели Ирена Стојчевска, социјален ментор (ментор за работна интеграција).
Таа додава дека во менторирањето млади лица упатува на тоа истите постојано да работат на себе.
„Да се свесни за своите силни, но и слаби страни и постојано да работат на нивно зајакнување и да се љубопитни за учење нови работи. Токму за да го постигнат ова треба да се работно активни и да немаат преголеми очекувања веднаш по завршувањето на нивното образование. Не ретки се примерите кога токму преку вклучувањето во работен ангажман, семинари или обуки истите се одлучуваат за преквалификација, бидејќи размислувањето за избор на факултет и побарувачката на пазарот на труд не е иста на 18 години и по 4-5 години, односни за време на завршување на факултет. Да си активен е секогаш подобра опција отколку да си пасивен. Не велам младите да бидат злоупотребени и манипулирани, да им се исплаќаат примања под законскиот минимум, но сепак потребно е постојано да работат на себе, да бидат добро информирани за нивните права и обврски и да бидат работно активни се со цел тоа понатаму да им помогне да напредуваат и да ја добијат посакуватана работа“, рече Стојчевска.
Младите треба да го ценат својот труд, но и да бидат свесни за економската ситуација во земјава.